На 9 јули 2013 година во х. ТЦЦ Гранд Плаза се одржа симулирано судење според новиот Закон за кривична постапка во организација на Американската Адвокатска Комора Иницијатива за владеење на правото. Симулацијата на судење беше завршен настан во рамки на обуките организирани од Американската Адвокатска Комора наменети за судии, јавни обвинители и адвокати со цел успешно имплементирање на новиот Закон за кривична постапка. На главната расправа јавните обвинители и адвокатите ги дадоа своите воведни говори, во доказната постапка се применуваа техниките на директното, вкрстеното и дополнителното испрашување на сведоците, а по завршувањето на доказната постапка ги дадоа своите завршни зборови.
За прв пат во рамки на програмата Учиме право, предавачите кои се студенти по право, дипломирани правници и магистри по право имаа можност да бидат дел од оваа симулација на судење. Тие не само што ја следеа симулацијата, туку и активно да учествуваа во улога на сведоци и тоа како сведоци на обвинението. Во симулацијата сведоците предложени од страна на јавното обвинителство во случајот „Државата против Скаловски” беа испрашувани директно од страна на јавните обвинители а потоа и вкрстено испрашувани од страна на тимот адвокати на одбраната.
Симулацијата на судење беше особено полезна бидејќи сите учесници имаа можност практично да ги применат знаењата кои ги стекнале за време на обуките. Судскиот совет беше составен од судии од Соединетите Американски Држави кои раководеа со целокупниот процес и го пренесоа своето богато искуство на учесниците.
Голема благодарност до Американската Адвокатска Комора Иницијатива за владеење на правото за заложбите во судските реформи и огромна благодароност што им овозможи на предавачите по Учиме право од МОФ да учествуваат во симулацијата на судење. Учеството во оваа симулација претставува огромно искуство и ретка можност членовите да се стекнат со теоретски и практични знаења од кривично-процесната материја која во иднина ќе можат успешно да ја пренесат при организирањето на многубројните симулации на судења во рамки на програмата.
Закон за кривична постапка беше донесен на 17 ноември 2010 година и првично требаше да се применува од 10 ноември 2012, кој временски период од две години беше оставен со цел спроведување на потребните реформи и обуки како и создавање кадровски и просторни услови, за да биде продолжен уште една година и се очекува да започне да се применува од декември годинава. Во новиот ЗКП главната расправа добива акузаторни карактеристики при што судењето се одвива како спор помеѓу странките со нагласена контрадикторност. Целта на реформата во делот на главната расправа е постоење на модерна казнена постапка во која ќе се почитуваат човековите права и слободи но која истовремено ќе биде и доволно ефикасна и ќе овозможи растоварување на судот од обврската самиот по службена должност да го разјаснува случајот.