На 27.05 (вторник) 2014 година, во просториите на Младинскиот образовен форум, Вишиот јавен обвинител и член на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, г-дин Момир Маричиќ, одржа предавање за членовите на скопските Учиме право клубови.
На ова предавање од час и половина, Јавниот обвинител подетално ги запозна учениците со функцијата и улогата на јавниот обвинител во казнената постапка, организациската поставеност и надлежност на јавното обвинителство во Република Македонија воопшто, пришто направи и краток историски осврт и паралела помеѓу стариот Закон за кривичната постапка и новиот Закон за кривичната постапка од 18.11.2010 година.
Според овогодинешниот курикулум на програмата Учиме право, мај беше месец на казненото право, па така, покрај предавањата од страна на предавачите по Учиме право кои ги запознаа со теоретскиот дел од оваа исклучително важна, но и интересна гранка на правото и правна наука, средношколците добија и можност да слушнат нешто повеќе за тоа како се станува јавен обвинител и со какви предизвици се соочуваат јавните обвинители во текот на својата кариера, директно од самиот г-дин Маричиќ. Тој сподели и интересни моменти од својата богата кариера и практика како јавен обвинител, а се обиде и да ги мотивира и инспирира идните студенти по право да се обидат да влезат во оваа професија, која според него, е мошне важна и почитувана и професија во која можат да излезат на површина личните способности и квалитети на обвинителот.
Во текот на своето излагање, јавниот обвинител одговараше и на прашањата кои ги поставуваа средношколците поттикнати од информациите кои ги добиваа.