На ден 06.05 (среда) 2015 година во просториите на Младински образовен форум, судијата Лидија Петровска, при основниот суд Скопје 1 Скопје одржа гостинско предавање за 25-мина членови на велешкиот, кумановскиот и скопските Учиме право клубови.
На ова предавање од час и половина, судијата ги запозна учениците околу начинот и условите кои треба да ги исполни едно лице за да стане судија, како и неговата улога и функција во казнената постапка. Судијата зборуваше за нејзината соработка со правосудните органи, постапките пред судовите како правен механизам за остварување на правата на граѓаните кога тие им се повредени, загрозени или оспорени, како и за важноста на судската власт како независна власт во системот на поделба на власта. На учениците им беше објаснет процесот на екстрадиција на обвинети и осудени, индициите на извршено кривично дело, пропорционалноста на казната како и важноста на следење на законските измени.
Во делот за прашања средношколците сакаа да дознаат повеќе за програмата за заштита на сведоци во Република Македонија, како и за смртната казна. Во овој дел судијата сподели примери на случаи од секојдневната пракса на нејзиното работење за причинување штета од помало значење, како и за најдолгата казна во Р.М.