На 23 септември (вторник) со почеток во 13:00 часот во просториите на Американското катче во Штип ќе се одржи трибината „Предизвици за младите: Остварување и заштита на правата – Што прашуваат младите?“. Трибината е организирана во рамки на проектот „Советодавен сервис за права на млади“ кој го спроведува Младински образовен форуми, поддржан од страна на Амбасадата на САД во Скопје. Оваа трибина ќе биде посветена на трите категории во рамки на кои работеше советодавниот сервис за права на млади (средношколци, студенти и млади и комуникација со институции) и ќе бидат презентирани случаите во кои постапувал советодавниот сервис. Тимот од млади правници кој работеше во рамки на проектот одговори на повеќе од 50тина прашања и понуди конкретни насоки и решенија како младите да си го остварат или заштитат своето право. Целта на оваа трибина е промоција на брошурата со наслов “Предизвици за младите : Остварување и заштина на правата – што прашуваат младите ?” која претставува анализа на случаите, со цел младите да можат полесно да ги остварат своите права во слични ситуации и да се инспирираат да поставуваат сè повеќе прашања и да се залагаат за остварување на своите права.
На трибината покрај координаторот на проектот кој ќе зборува за случаите, заклучоците и препораките во рамки на проектот, говорници се и г-ѓа Елена Ѓоргоноска – Маневска од Канцеларија на Народниот правобранител во Штип и г-ѓа Снежана Теодосиеска – Јорданоска од Канцеларијата во Скопје кои ќе ги запознаат младите со улогата и значењето на народниот правобранител во заштитата и унапредувањето на правата. Целта е да се охрабрат младите да се залагаат за остварување и заштита на правата, во насока на доближување и соработка на младите со институциите. Како говорници ќе се појават и претставници на средношколците, како и претставник на студентите кои ќе говорат за нивните проблеми и дилеми како и начинот на кој најлесно и најефикасно да ги остварат. Поканети се млади, средношколци, студенти, да научат повеќе за механизмите за заштита на правата и можноста да поставуваат прашања.
Оваа трибина е петта по ред организирана од Младински образовен форум во соработка со Американските Катчиња во Република Македонија. Претходните четири трибини се организираа во Американското Катче во Скопје, Тетово, Струга и Битола. Целта беше да се отвори дискусија за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат средношколците и студентите и да се промовираат претходните две брошури „Средношколски дилеми и проблеми“ и „Студентски дилеми и проблеми“ изработени во рамки на проектот „Советодавен сервис за права на млади“.