Преглед на јулски активности на МОФ

Во месец јули, Младински образовен форум организираше летни активности за своите членови. Во рамки на секоја програма, односно дебата, учиме право, медиа/арт, клубови за демократско учество, новинарски клуб и клубови за претприемништво, заедно со младите бевме дел од најразлични јулски активности кои соодветствуваат на нивните интереси и познавања.

Во рамки на дебатната програма, мофовските дебатери учествуваа на Светското првенство во Макао, со активистите цртавме активистички графити во Тетово, а нашето дворче го отворивме на „најкул“ летна програма со многу филмови, музика и дружба.

Одговоривме на многу прашања преку Младинскиот сервис, а поделивме и многу сертификати. Истовремено одржавме средби со надлежните институции и им дадовме глас на младинските политики.

Прегледајте ги нашите јулски активности:

Подготовки за светското дебатно првенство за средношколци

Во рамки на дебатната програма за изминатиот месец, целиот фокус беше насочен кон подготвување на дебатерите што ќе го претставуваат МОФ и Северна Македонија на Светско дебатно првенство во Макао за прв пат оваа година. Се организираа две пробни дебати, каде тимот на почетници дебатери се судрија со поискусни дебатери и предавачи. Целта на овие дебати беше да се стават на тест стекнатите вештини и да се пренесат знаења за подобро толкување на дебaтерските тези и изработка на соодветни решенија.

Светското дебатно првенство оваа година се одвива виртуелно, поради пандемијата. Полуфиналето и финалето се одвиваа на 4 и 5 август. Македонскиот тим имаше шанса да дебатира против светски реномирани тимови во средношколска дебата како Словенија, Германија и Чиле. Некои од тезите што се дебатираа беа “This house regrets the commercialization of space” и “This house prefers leadearless social justice movements” .

Додатно, во месец јули се доделија и сертификатите за успешно завршување на Дебатната програма за оваа учебна година.

Застапување за младински прашања преку мрежата „Млади во криза“

Во месец јули, програмата Истражување заедно со претставници на мрежата Млади во криза 2.0 oстварија неколку тематски средби со службениците за млади од Министерство за труд и социјална политика, Министерство за образование и наука, Министерство за културa и Агенција за вработување на РСМ. На средбите се дискутираше за препораките кои ги предложи мрежата и нивното потенцијално преточување во конкретни политики за млади кои што ќе придонесат кон намалување на штетите кон младите предизвикани од пандемијата.

„Со уметност против говор на омраза“ – Артивистичка акција во Тетово

Младите артивисти од активистичките клубови на МОФ го прекрија со графити дел од мостот при влезот во Тетово, на кој претходно бил испишан говор на омраза. Акцијата со интересна визуелизација се одржа на 1 јули, со што се придонесе кон толеранцијата, која претставува значаен фактор за одржување на мирот. Зборовите и симболите на омраза не смеат да бидат дел од јавниот простор! Толеранцијата е клучна за одржување на мирот. Но, и за економскиот и социјалниот напредок на сите луѓе, а тоа особено се однесува на општествата како нашето кои се мултиетнички и мултикултурни.

Отворање на Cult+Alt+Repeat – „Културно лето во МОФ“ со изложба на Душан Стефановски

На 29ти јули, во рамки на МОФ клубовите на активизам започна МОФовското културно лето со изложба на Душан Стефановски, каде посетителите можеа да видат мал пример од новиот апстрактен јазик на овој докажан млад уметник.

Културното лето во МОФ ќе трае од 29 јули до 31 август 2021 година. Младите низ повеќе настани ќе имаат прилика да се социјализираат, меѓусебно да се запознаат, да слушаат квалитетна музика од домашни артисти, да научат да цртаат, да дизајнираат на некоја дигитална алатка, да креираат уметност со примена на реупотреблив дизајн, да проследат актуелен филм, но и да се опуштат со јога.

Преку Cult+Alt+Repeat, МОФ и Радио МОФ се стремат да го подигнат нивото на информираност на младите, да обезбедат простор за младинска и културно дружба и активизам.

Учевме право и добивме сертификати

Во рамки на програмата Учиме право минатиот месец се доделија дел од сертификатите за успешно завршување на Учиме право учебната година.

Одговорени беа и 6 прашања на советодавниот сервис за права на млади кој е информативна и едукативна платформа која цели да ги запознае младите со нивните права и обврски во општеството, да споделува информации од области кои се од младински интерес и да дава упатства и насоки за решавање на дел од средношколските, студентските и младинските прашања, дилеми и проблеми.

Сите кои сакаат да ги разгледаат претходно поставените прашања, можат да го направат тоа со клик на копчето „Прашања и одговори“, а оние кои имаат свое прашање, можат анонимно да го постават на опцијата „Постави прашање“.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: