Преглед на мартовските активности на Младински образовен форум

Младински образовен форум во чии рамки активни се неколку младински програми и тоа дебата, учиме право, медиа/арт, клубови за демократско учество, новинарски клуб и клубови за претприемништво,  направи преглед на своите мартовски активности.

Во рамки на дебатната програма се одржа предавањето „Шар Планина: национален парк или национална мета?“ во соработка со Институтот за комуникациски студии, потоа онлајн предавањето „Како да се спречи загадувањето од рудниците?“, мастеркласови за критичко размислување и Интернационален дебатен турнир за средношколци.

Онлајн предавањето „Шар Планина: национален парк или национална мета?“, се одржа на 23 март, во склоп на кампањата „Разбистри се“, а на предавањето учесниците се запознаа со кризата со која се соочува Шар Планина во поглед на нејзината борба за да стане најмладиот национален парк на Северна Македонија.

Онлајн предавање за Шар Планина

Онлајн предавање „Како да се спречи загадувањето од рудниците?“, се одржа на 18 март, а на ова предавање двајца студенти од ПМФ на повеќе од 80 учесници им објаснија која е поволноста од рударството, зошто се прави, но и кои се штетите кои рударството го има врз околината.

Онлајн предавање за опасноста од загадувањето и рудници

На 21 март се одржаа третиот и четвртиот мастерклас од младинските пакети, каде што 40 деца се запознаа со поимот критичко размислување и како истиот може да се користи во секојдневниот живот, при восприемањето на медиумски содржини. Додатно, учесниците се запознаа и со историјата на реториката и аргументираното изразување и како може една личност да стане добар говорник. Овој мастерклас е дел од Младинските пакети организирани од страна на Еквалис во соработка со МОФ, Хера и Психотерапика, а поддржани од страна на Фондација отворено општество.

На 27 март се одржи и петтиот, односно последниот од мастеркласовите за критичко размислување, на кое учесниците научија како тоа може да се искористи во секојдневниот живот.

Во текот на месец март, членовите на дебатната програма на МОФ учествуваа на интернационален дебатен турнир во форматот WS организиран од страна на дебатното друштво во Љутомер, Словенија.

Во склоп на програмата „Учиме право“ беа одржани неколку „ЈЕС“ предавања, а во „Europe House Skopje“ се одржа и квизот за работата на Европската Унија и нејзините институции – „Евроквизија“. Истовремено, членовите на оваа програма остварија и посета на Народниот правобранител во Тетово.

Во изминатиот месец членовите на клубовите за Младински претприемачки вештини ги слушаа предавањата за Јавно презентирање и пичинг,  кое беше менторирано од еко активистот Горјан Јовановски, кој е најдобро познат по неговата апликација „Аircare“.

Предавањето по Социјално претприемништво го менторираше Марија Матовска која има долгогодишно искуство во вметнување на социјален елемент во традиционалните бизниси, додека менторка на предавањето за Дигитален маркетинг беше Теодора Филовска која покрај својата меѓународно успешна компанија за маркетинг „Vrootok“ е сопственичка и на Академијата „Галексија“.

Онлајн предавање за социјално претприемништво

Освен редовните предавања, членовите имаа можност и да го проследат отвореното предавање на Софија Богева за „Design Thinking“, која е консултант за иновации, креатор на креативна содржина, design thinking фасцилитатор, тренер и консултант за стратегиски иновации.

Истовремено, над 50 средношколци од целата држава се натпреваруваа на „Евроквизија“ – натпревар за работата на Европската Унија. Во финалето влегоа најдобрите 20 учесници, а првите три места ги освоија Дарко Ефтимов, Марко Ингилизов и Мартина Костадинова. Тројцата победници беа поканети на средба со евроамбасадорот каде неговата екселенција им ги врачи заслужените награди.

Атмосферата на „ЕвроКвизија“

Членовите на почетниот клуб од програмата „Учиме право“ имаа посета на канцеларијата на Народниот правобранител во Тетово. Тие имаа шанса да се запознаат директно со работата на Народниот правобранител како институција за заштита и промоција на човековите права и слободи. Институцијата веќе петта година по ред е отворена за младите и членовите на Младинскиот образовен форум.

 

Од посетата на народниот правобранител во Тетово

Во склоп на програмата за младински активизам се одржа конференцијата за социјален активизам кај младите – „Еngage youth“, онлајн предавањето на тема „Техники за подобро учење, помнење и справување со онлајн настава“, а беше објавено и видеото „Имам право на знаковен јазик“.

Во склоп на конференцијата „Engage youth“, млади активисти споделија знаења и искуства на теми поврзани со граѓанска ангажираност, социјална промена, слобода на говор, технологија и иднината на образование. На настанот учествуваа повеќе од 70 млади луѓе на „Зум“ и стрим преносот на Фејсбук. Конференцијата се одржа на 30 март, на платформата за видео комуникација „Зум“.

Предавањето „Tехники за подобро учење, помнење и справување со онлајн настава“го одржаа Ивана Цилевска и Клементина Добревска од „Психеско“. Учесниците на предавањето се здобија со корисни техники и совети за подобро учење и помнење. Дополнително, се дискутираше и за тоа како полесно да се менаџира со онлајн наставата, но и како учениците директно да се справат со стресот од ваквата настава преку примери и дискусија. Предавањето го посетија повеќе од 100 млади луѓе на „Зум“ и стрим преносот на „Фејзбук“.

Видеото „Имам право на знаковен јазик“ има за цел да го потенцира проблемот со кој се соочуваат младите глуви и наглуви лица, да ги повика институциите за одговор на барањата и соодветно решавање на ситуацијата.

Видеото е реализирано од Младински образовен форум, „Млад знак“ и Фондација за демократија на Вестминстер. Видеото доби над  6100 прегледи.

Во склоп на програмата за Истражување, минатиот месец беше промовиран документот „Млади во криза 2.0“, преку кој се анализаат егектите од пандемијата врз младите. Истовремено, во рамки на оваа програма беше упатена јавна реакција во врска со наодите споделени од неколку медиуми поврзани со Државниот универзитет во Тетово (ДУТ).

Преку документот „Млади во криза 2.0“, група младински организации во Агенцијата за млади и спорт споделија препораки до институциите како да се поддржат младите при кризата.

Младинските организации апелираа институциите да ги земат во превид младите како клучна група при носењето на мерки за справување со здравствено-економската криза. Тие препорачаа да се олесни (ре)вработувањето на младите, но и да се поддржат преку поврат на персоналниот данок и ваучери за домашна потрошувачка на оние на кои им се најпотребни.

 

Младинските организации посочија дека образованието на далечина треба да стане достапно и за учениците со попреченост. Кризата и социјалната дистанца влијаат негативно на менталното здравје, за што стручните служби во улиштата мора да обезбедат активности за учениците, а државата да обезбеди сервисни линии за психолошка поддршка и линии за жртви на семејно насилство. Законот за младинско учество и младински политики не треба да чека да заврши кризата, треба да се работи на неговата имплементација, заедно со младинските организации.

Членки на иницијативата „Млади во криза“ се Младински образовен форум, Реактор – Истражување во акција, Здружение за истражување и анализи (ЗМАИ), ХЕРА, Центар за интеркултурен дијалог, Сојузот на извидници, Младински сојуз – Крушево, Еквалис, Психотерапика, ХОПС, Национален младински сојуз на Македонија, Хелсиншкиот комитет за човекови права и АРНО.

Во рамки на програмата „Истражување“ при МОФ, беше упатена јавна реакција во врска со наодите споделени од неколку медиуми поврзани со Државниот универзитет во Тетово (ДУТ).

Реакцијата може да ја прочитате тука.

Сподели

Please enter an Access Token on the Instagram Feed plugin Settings page.