Промоција на две истражувања од областа на студентскиот стандард

Младински образовен форум (МОФ) со огромно задоволство Ве поканува на промоција на две истражувања од областа на студентскиот стандард на 22-ри јануари (среда) со почеток од 11:00 часот во просториите на Europe House (поранешно ЕУ Инфоцентар).

На промоцијата ќе бидат презентирани истражувањата „Анализа на јавни набавки во студентските домови“ и „Крпен студентски живот – истражување за животниот стандард на станарите во ДСД – Скопје“.

Истражувањето „Крпен студентски живот – истражување за животниот стандард на станарите во ДСД – Скопје“ ги адресира прашањата поврзани со корупцијата во студентските домови, начинот на носење одлуки и вклученоста на студентите во истите, како и квалитетот на живот во домовите, додека пак истражувањето „Анализа на јавни набавки во студентските домови“ ги одговара прашањата: колку, во колкава мера и дали се трошат и инвестираат доволно средства од страна на Државниот студентски дом „Скопје“ – Скопје, а во врска со квалитетот на домувањето и квалитетот на услугите за студентите во домовите под капа на Државниот студентски дом „Скопје“ – Скопје.

Истражувањата се изработени од страна на искусни истражувачи, членови на Младински образовен форум.

Проектот „Студентски домови без корупција“ се спроведуваше од август 2018 до јули 2019. Примарната цел на проектот беше поттикнување на институциите на потранспарентно и поодговорно управување со студентските домови, како и вклучување на други институции, организации и правни лица за подобрување на условите во домовите.

МОФ е младинска заедница која создава простор за дебата, слободно изразување и младинско организирање, охрабрува активизам, ги штити и унапредува младинските права и политики. МОФ ги остварува своите цели преку информирање, едукација, дискусија, соработка и преку мотивирање и поддршка на младите.

„Проектот „Студентски домови без корупција“ е овозможен со финансиска поддршка на Програмата за поддршка на високото образование на Фондациите Отворено општество, преку Фондацијата Отворено општество-Македонија. Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот, и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.“

Сподели