Барај
Close this search box.

Младински образовен форум на 25.02.2022 година (петок) го промовираше истражувањето „Вовед во студентска дискриминација“.

Истражувањето се осврнува на студентската перцепција за дискриминација при државните универзитети „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Гоце Делчев“ – Штип, „Св. Климент Охридски“ – Битола и Државниот универзитет во Тетово. Дополнително, во рамки на самото истражување се креирани и препораки насочени кон релевантните институции а во насока на превенција и санкционирање на дискриминацијата.

Клучни податоци од истражувањето:

  • Студентите кои се проценуваат себеси дека потекнуваат од семејства со висок социоекономски статус се позадоволни од климата на универзитетите и факултетите
  • Најнебезбедно се чувствуваат студентите со попреченост, студентите кои не сакаат да го кажат својот род,  како и студентите кои не сакаат да ја искажат својата сексуална ориентација.
  • Академската средина претставува најнепосакувана клима за студентите кои се геј/лезбијки и тие во најголема мера размислувале да си заминат затоа што не се чувствуваат прифатено, но и во најголема мера сметаат дека не им се ценат мислењата и дека немаат можност да го изразат својот потенцијал.
  • Ромите се чувствуваат најмалку ценети како да не припаѓаат на универзитетот и дека универзитетот нема посветеност кон правичноста, еднаквоста и инклузијата и во најголема мера размислувале да го напуштат универзитетот затоа што се чувствувале изолирано
  • Студентите во најмала мера остваруваат контакти со лица со попреченост и со лица со различна сексуална ориентација во рамки на кампусот, како и со лица кои имаат попреченост во учењето, психолошки или други тешкотии што не се видливи
  • 234 (29,7 %) студенти одговориле дека ја почувствувале дискриминација на своја кожа, од кои 134 (16,96 %) студенти на УКИМ, 11 (1,39 %) на УКЛО, 42 (5,31 %) на УГД, 42 (5,31 %) на ДУТ и 5 (0,63 %) од оние кои студираат на два универзитета.
  • Во однос на сексуалната ориентација, во рамки на својата група, најголем процент на дискриминирани студенти има кај студентите кои се геј/лезбијки (43,5 %)
  • Само 7,6  % од сите студентите знаат дека на факултетите има постапка за пријавување дискриминација, но за жал сметаат дека таа неефикасно се спроведува
  • Само 6,6 % (52) од студентите некогаш пријавиле дискриминација на факултетите

Според студентската правобранителка на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје, Теа Мицевска, малиот број на пријави  од страна на студентите во однос на дискриминацијата се должи поради неинформираноста на студентите за механизмите за заштита и остварување на своите права.  Таа изјави дека се соочила со сведоштва на студенти кои не се осмелуваат да ги пријават прекршувањата на нивните права поради страв.

Игор Јадровски, член на Комисијата за заштита и спречување од дискрминација изјави дека од 167 предмети кои ги имаат изработено во 2021 година, само 1 претставка доаѓа од студентка за случај на дискриминација, што е поразително.

Според претседателката на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје, Ева Цветковска, алармантен е податокот дека академската средина потфрлува во прифаќањето на Ромите како дел од таа средина. Таа додаде дека во фокус на нивната работа како студентски претставници треба да биде адресирањето на дискриминацијата на студентите кои не се дел од хетеронормативната сексуална оритентација, а особено да се поттикнат студентите со друга сексуална ориентација поактивно да ги пријавуваат случаите на дискриминација низ кои поминуваат во академската средина.

Препораки:

  1. Подготовка и усвојување на интерни акти за спречување и заштита од дискриминација во рамки на универзитетите
  2. Воспоставување на посебно тело за спречување и заштита од дискриминација при универзитетите, во чие воспоставување и функционирање студентите ќе имаат значајно учество
  3. Јавно и редовно информирање на студентите и вработените на факултетите и универзитетите за основите и формите на дискриминација и достапните механизми за заштита од дискриминација и начинот на кој може да се спроведе постапка за заштита од дискриминација
  4. Спроведување на анонимни годишни анкети за дискриминацијата од страна на посебните тела за спречување и заштита од дискриминација
  5. Ревизија на учебниците и учебните помагала, отстранување на спорните содржини и воведување на објективни, научно засновани информации кои се темелат на човековите права и принципот на недискриминација.

Истражувањето е изработено од Младински образовен форум во рамки на проектот „Студентска перцепција за дискриминација“ подржан од Фондација Отворено Општество Македонија.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: