Презентирани два филма изработени од медиа/арт клубот на МОФ од Тетово

Вчера (12 мај) во Тетово се одржа промоцијата на двата краткометражни филма изработени од Медиа/Арт клубот од Тетово. Документарецот за клубот од Тетово накратко ја претставува работата и најзначајните активностите на клубот кои се реализирани изминатава година. Во документарецот, членовите на клубот го споделуваат своето искуство од членувањето и активностите во кои учествуваат.

Краткометражниот филм „Актерската игра е само сон“ ја опишува желбата на младите актери за изразување на својот талент. Слабата комуникација меѓу младите и институциите, непостоење на простор каде што младите ќе го изразат својот талент и потсмевот од општеството на овие млади уметници е дел од проблемите кои ги третира филмот. Овој краткометражен филм е во сценарио на Арта Зејнели, член на Медиа/ Арт клубот од Тетово.

На настанот говорници беа познатите актерски имиња Синоличка Трпкова и Линда Шабани. Тие заедно со присутните, отворија дискусија.

Ова е совршенство, млади аматери создаваат уметност и пренесуваат јасна порака. Водушевена сум од тоа како аматери можат рамо до рамо да стојат до професионалните од оваа област – изјави актерата Синоличка Трпкова

Таа нагласи дека членовите на клубот имаат голем потенцијал и мотив да продолжат да се усовршуваат на професионално ниво. Одговарајќи на прашање од присутните, таа изјави дека како за секоја професија така и за актерството најважна е желбата да се занимавате со уметност. Таа во својот говор го опиша својот почеток во актерските води и светското искуство, работејќи на многу проекти во странство.

Краткометражните филмови се реализирани од страна на членовите на „Медиа/Арт“ клубот од Тетово, кои во изминативе два месеци неуморно работеа на реализација на филмовите. Немајќи простор каде што младите би можеле да се изразат, тие решија пораката да ја пренесат преку филм.

Двата филма се во режија на Глигор Кондовски.

„Актерската игра е само сон“ – прв дел

„Актерската игра е само сон“ – втор дел

Сподели