Презентирани наодите од Студија за социо-политичко учество на младите

Само три отсто од младите се целосно задоволни со своето место во општеството.

Шест од 10 млади лица веруваат дека воопшто не можат да влијаат врз тоа како работат властите. Една третина од младите во Северна Македонија веруваат дека земјата ќе биде подобро место за живеење за младите за 5 години од сега. Шеесет отсто од младите веруваат дека Северна Македонија ќе стане земја членка на Европската унија, додека 70% од нив веруваат дека тоа ќе се случи во следните 5 години. Младите кои веруваат во европската перспектива на земјата се помалку расположени да си заминат од земјата. Младите кои се граѓански ангажирани се позадоволни со своето место во општеството од своите врсници.

Ова се дел од податоците кои беа презентирани на денешната конференција организирана од Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД) и Младински образовен форум (МОФ), во Холидеј ин.

На настанот, амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј изјави:

„Податоците покажуваат дека само 3% од младите се задоволни со своето место во општеството. Оваа слика мора да се промени, затоа што е важно да имаме силни, здрави и ангажирани млади. Поради ова ја го поддржуваме проектот на ВФД и нивната работа за зголемување на нивото на младинско политичко и институционално учество. Ова е еден од клучните елементи за зголемување на младинската вклученост и ангажираност во општеството.“

Дамир Незири, претставник на Фондацијата за демократија на Вестминстер изјави:

“Истражувањето носи наслов: „Апатија, оптимизам или разочараност?  – три зборови што совршено ги сублимираат ставовите на младите во однос на нивното место во општеството. Тие не се информираат за општествено политичките случувања, но скоро секогаш гласаат на избори; сметат дека не се доволно консултирани и вклучени во процесите на одлучување, но сепак голем дел од нив веруваат дека во иднина ќе биде подобро, особено ако државата стане дел од Европската унија.“

Во неговото обраќање на конференцијата, Министерот за образование и наука Арбер Адеми кажа:

Ја подржувам иницијативата за спроведување на истражувањето, чии резултати се важни за институциите бидејќи тие се индикатор за задоволството и незадоволството на младите за нивното учество и вклученост во општеството. Преку ова истражување се иницираат нови идеи и можности за соработка. Неколку од заклучоците кои на нас ни беа презентирани претходно, се вклучени во новите закони во образованието преку кои се овозможува поголема вклученост на учениците во процесот на одлучување за програмите во нивните училишта. ”

На конференцијата, главниот истражувач Мартин Галевски ги презентираше клучните резултати од студијата „Социо – политичко учество на младите во Северна Македонија: Апатија, оптимизам или разочараност?“.  Податоците од истражувањето не се изненадувачки ако се има предвид дека 85% од младите се изјаснија дека никогаш не биле консултирани од властите, ниту на локално ниту на централно ниво. Со оваа студија, целта е да се дадат повеќе информации за перцепциите на младите и политиките и пристапите кои треба да се преземат за да се подобри нивната позиција во општеството. Младите треба да бидат високо на листата на приоритети на националните и локалните власти, образовните институции, граѓанските организации и медиумите за се поддржи нивното активно учество.

ВФД во соработка со МОФ и со поддршка на Британската влада ќе продолжи да работи на овие прашања, преку работа со ученици и студенти, претставници на партиските подмладоци и граѓанските организации, но и преку давање поддршка на Клубот на млади пратеници, кој е светол пример за искрена соработка за подобрување на положбата на младите.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: