На четирите јавни дискусии одржани во февруари и март во Скопје, Куманово, Велес и Штип над 200 млади ги дадоа своите предлози и мислења за тоа како треба да изгледа Националниот младински совет. Иницијативата за основање Национален младински совет продолжува со јавните дисусии во уште 5 други градови во Македонија. Овој процес ќе заврши со организирање на основачко собрание на Националниот младински совет на Република Македонија во јуни оваа година.
„Ова е иницијатива за формирање платформа која понатаму треба да разговара и преговара со институциите за донесување Национална стратегија за млади. Генерално, кај младинските организации постои потреба од формирање вакво претставничко тело и постои поддршка од самите организации“ – појасни Ивана Давидовска од Центарот за меѓукултурен дијалог на јавната дискусија во Куманово.
„Крајно време е паролата дека младите се иднината да се преформулира во парола младите се сегашноста. Од она што успеавме да го нотираме до сега мислам дека младите и не се толку неактивни и летаргични како што се претставувани насекаде. Можеби нашиот глас не се слуша насекаде, но од досегашните трибини видовме дека младите се желни за акција, сакаат да направат нешто и да го оформат овој совет кој ќе биде мостот до институциите“, рече Дамјан Николовски од Црвен крст на јавната дискусија во Велес.
Даниел Калајџиески од Х.Е.Р.А смета дека со ваквата иницијатива се оди чекор понапред, преку Национален младински совет организациите ќе имаат пристап кон институциите, а од друга страна самите институции ќе имаат партнер во вакво тело при решавања проблеми и прашања кои се однесуваат на младите.