Минати проекти

Проекти

Youth for Air (2022 – 2023)

Како дел од проектот “Youth for Air”, кој Младински образовен форум (МОФ) го спроведуваше во партнерство со Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, во периодот декември 2022 – март 2023 година, се одржаа низа теоретски и практични обуки кои имаа за цел да ги запознаат учесниците на програмата со загадувачите на воздухот, опасностите од занемарување на проблемите и одговорните институции. Истовремено учесниците имаа можност да учествуваат во процес на креирање дигитални содржини и пораки за застапување и подигнување на свеста за квалитетот на воздухот.

По учество на обуките, младите со поддршка на искусни ментори изработија писмени барања (претставки) до креаторите на политиките за подобрување на квалитетот на воздухот и одржаа состаноци со неколку креаторите на политиките на кои разговараа за квалитетот на воздухот и поднесените барања.

Квалитетни образовни политики и можности за младите (2021)

Преку проектот „Квалитетни образовни политики и можности за младите“ финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија, Младински образовен форум во текот на 2021 година ги адресира нееднаквостите кои постојат меѓу младите од урбаните и руралните средини преку анализи и истражувања, тековно информирање преку новинарски текстови, стории и објави, учество во работни групи за подобрување на политиките коишто ги засегаат младите, како и иницирање активности за формално и неформално учење за сите млади со помош на дигитална платформа.

Активностите и пристапите кои се спроведени за постигнување на целите на проектот се:

  • прибирање на податоци и анализа на животниот стандард на младите во главниот град споредено со младите во помалите градови и руралните средини;
  • креирање на образовни содржини и простори за критичко размислување кои ќе се вклучат како активност во формалното образование;
  • обезбедување на простор за дигитално образование;
  • следење на политиките за млади и известување за истите и креирање на препораки за поефективно студентско организирање како и

тековно информирање на младите преку професионални новинарски текстови, стории и објави, но и преку содржини креирани од млади за млади кои ќе ги пренесуваат актуелните општествени случувања.

Проект на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието (2017 – 2022)

Проектот има за цел подобрување на меѓуетничката интеграција преку овозможување позитивни интеракции меѓу етнички различните млади на ниво на училиште и заедница и подобрување на содржините, вештините и однесувањата на граѓанското образование и волонтерските практики на младите од сите основни и средни училишта и општини.

Овие активности се спроведувани со сите основни и средни училишта, како и општини на територијата на државата. Активностите исто така се постигаат преку две главни цели:

  1. Јакнење на меѓуетничката кохезија во образовниот систем – Преку постојана соработка со Министерството за образование и наука, клучните образовни институции и општините, проектот создава можности за интеракција помеѓу училиштатата од различни заедници и создавање на подобра етничка кохезија помеѓу младите.

 

Јакнење на демократската култура и граѓанското однесување меѓу младите – Во партнерство со Министерството за образование и наука, проектот ги поддржува промените во содржините на граѓанското образование и воведува методи за унапредување на активното вклучување на учениците во училиштата и процесите на носење одлуки за заедницата.

Студентска перцепција за дискриминација (2021 - 2022)

Проектот „Студентска перцепција за дискриминација“ имплементиран од страна на Младински образовен форум (МОФ), ги таргетира четирите најголеми универзитети во државата, односно Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола, како и Државниот универзитет во Тетово.

Главната цел на овој проект е да се актуелизира и намали дискриминацијата во високото образование, преку креирање на истражување за перцепција на дискриминација на четирите универзитети од страна на студентите, преку спроведување на кампања за актуелизирање на феноменот на дискриминација присутен во високото образование, креирање на едукативен модул за борба против дискриминацијата и подигнување на нивото на студентските права наменет за студентските правобранители на факултетите и универзитетите, и финално и најважно од сѐ, креирање или промена на предлог-политики за унапредување на еднаквоста и намалување на дискриминацијата на факултетите и универзитетите.

Зајакнување на демократски компетенции и учество на младите луѓе (2019 – 2023)

Проектот е имплементиран од страна МОФ, а поддржан од Фондацијата за демократија на Вестминстер, чија цел е поттикнување на граѓанското учество на младите луѓе примарно наспроти институциите како и зајакнување на нивните демократски компетенции и капацитети. Проектот се спроведува низ неколку главни активности, односно:

  • Младински клубови за демократско учество (средношколски групи)
  • Студентски ориентации и отворени предавања
  • Младински акции

Младинските клубови се формирани во три града (Скопје, Тетово и Куманово) и во 5 различни училишта – СУГС „Орце Николов“, СУГС „Зеф Љуш – Марку“,  ДУЦОР „Партенија Зографски“,  СОУ „Перо Наков“ и ССОУ „Моша Пијаде“. Клубовите имаа неделни средби каде што се одржува 10 предавања по однапред утврден курикулум во следните области: Демократија и човекови права, младински организации и структури, институции и политики за млади, активизам и учество и застапување и делување.

Една од активностите во проектот е и Студентската ориентација која претставува редовна практика на голем број на светски универзитети, меѓутоа се уште не е застапена доволно кај нас. Во склоп на проектот се одржаа четири студентски ориентации. На студентските ориентации студентите имаат можност да се запознаат со своите права и обврски, начинот на студирање, студентското организирање и други корисни информации поврзани со факултетот и универзитетот.

Младинските акции претставуваат завршен дел од предавањата на младинските клубови каде што учениците во клубовите ќе можат да изведат акција во своето училиште или заедница соработувајќи со надлежната институција а со цел подобрување на условите во рамки на училиштето и заедницата.

Младински пакети и ангажираност преку кампањи

Во проектот „Младински пакети и ангажираност преку кампањи“, финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија, Младинскиот образовен форум е приклучен преку соработка меѓу Еквалис, Хера и Психотерапика, невладини организации фокусирани кон неформално образование на младите на различни теми, меѓу кои менталното здравје и сеопфатната сексуална едукација.

Проектот опфаќа изработка на едукативни видеа од сите вклучени организации. Видеата на Младински образовен форум се фокусираат на темите за критичко размислување, медиумската писменост и аргументираното изразување. Видеата се изработени во тек на декември 2020, а во текот на 2021 се реализираат Мастеркласови поделени во 4 младински пакети. На секој мастерклас преку видеата учесниците се едуцираат за тоа што е критичко размислување, како може да се користи во секојдневието и кои се карактеристиките на успешен говор. Најактивните учесници на мастер-часовите ја добија можноста да бидат вклучени во изработка на младински кампањи, кои ќе бидат предводени од секоја организација.

Младински претприемачки вештини

Младински образовен форум со поддршка од Американска амбасада го спроведува проектот „Младински претприемачки вештини“. Проектот има за цел да ја подобри положбата на младите во општеството и да ги направи активни граѓани, додека се бори против една од клучните причини за иселување на младите – невработеноста.

Проектот ќе ја пополни празнината што ја остава формалното образование за практични вештини и применливо знаење и ќе ги анализира ефектите од тековните мерки за намалување на невработеноста за да придонесе за подобри образовни политики на ниво на училиште.

Проектот обезбедува неопходното образование за подобрување на шансите за вработување на 60 средношколци од Гостивар, Штип и Охрид, како и можност за стекнување практични вештини од разни компании, домашни и американски експерти.  Овие цели се постигаат преку развивање на сопствени идеи, подигање на јавната свест за вработувањето на младите, квалитетот на образованието, социјалното вклучување на младите и зголемено влијание врз јавни политики во образованието и вработувањето на младите.

Академски стипендии за граѓанското општество (2021)

Проектот „Академски стипендии за граѓанското општество“ поддржан од Фондација отворено општество, цели да ја информира и запознае пошироката и стручната јавност со можностите за академски стипендии кои ги нудат Фондациите Отворено општество.

Преку јавна промоција на повикот за стипендии, проектот допира до голем број на потенцијални кандидати и заинтересирани лица кои се на докторски студии или работат како факултетски кадар во рамки на универзитетите, а би сакале да продолжат со својата академска надградба.

Дополнително, поранешните корисници на стипендиите (алумни) споделуваат дел од своите искуства со членовите на МОФ и земаат учество на тематски младински дискусии и помагаат при понатамошна дисеминација на повиците и информациите за стипендиите.