Младински образовен форум ја спроведува Дебатната програма од почетоците на организацијата, кога во 1999 година Младински образовен форум за прв пат се основа под името Здружение на граѓани „Дебатери“. Денес Дебатната програма зад себе има 19 години успешно спроведување на национално ниво, преку дебатни клубови во повеќе градови во Македонија.
Дебатната програма на МОФ за развој на способноста за истражување, критичко размислување, аргументирано говорење и ефективна комуникација кај младите средношколци и студенти од Македонија. Преку развивање индивидуални вештини кај младите Дебатната програма ја зголемува нивната партиципација во општествените случувања. На овој начин се унапредува образовниот процес и преку процесот на учење се поддржуваат основните вредности на демократското општество.
Начинот на работа во рамки на Дебатната програма е изграден врз принципот на активна вклученост на средношколците и на студентите во процесот на учење. Содржината на програмата на учениците и на студентите им овозможува практично да ги применуваат и да ги надополнуваат знаењата стекнати во формалниот образовен процес и да ги збогатуваат своите вештини. Предавањата по дебата се одржуваат еднаш неделно во дебатни клубови водени од страна на сертифицирани предавачи кои имаат поминато обуки за дебатери, предавачи и судии; се одвиваат по утврден курикулум, кој е периодично ревидиран во согласност со потребите на дебатерите и интернационалната дебатна асоцијација.
На годишно ниво, Дебатната програма во МОФ обучува повеќе од 400 средношколци, реализира десетици јавни дебати и трибини, организира 2 национални дебатни турнири, локални и интернационални турнири. Во реализирање на целите и активностите се вклучени сите членови на дебатната програма.