Програмата Младински активизам започнува со работа во 2011 година кога се јавува потреба да се отвори програма која ќе се насочи кон неформално образование врзано за младинскиот активизам, ќе обезбеди простор за креативно и слободно изразување на младите и ќе ги охрабри самите да преземаат активности кои ќе ја променат моменталната состојба во која тие делуваат. Програмата има за цел да го намали јазот во комуникацијата помеѓу младите и институциите и да го подобри младинското организирање преку интеграција на младите без разлика на нивниот социјален статус; демографската, културната и етничката припадност; и сексуалната ориентација. Приоритет на програмата е спознавање, почитување и промовирање на толеранција меѓу младите, како и зголемување на нивното учество и влијание во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво.
Членовите на програмата имаат можност да членуваат во клубовите Артивизам и да спроведуваат и учествуваат во активности како: организирање на настани, креативни акции, работилници, изложби и перформанси. Програмата брои околу 100 членови кои активно ги користат изучените креативни вештини, мултимедијални и уметнички техники.
Во изминатите години програмата Младински активизам ги организираше годишните настани: Конференцијата за социјален активизам – ENGAGE, Патувачката изложба „Ана Франк – Историја за денес“, филмскиот фестивал Movies that Matter, но и други локални и национални младински настани и иницијативи. Како најзначајни успеси на оваа програма се основањето и поддршката на првото младинско онлајн радио во државата – Радио МОФ и создавањето и поддршката на неформалната група за перформанс Kunstwerkstatt која функционираше помеѓу 2014 и 2020 година. Оваа аматерска театарска група два пати ја освои наградата Гран при на Драмскиот аматерски фестивал ДАФ – Кочани и тоа во 2017 и 2019 година.