Клубовите Артивизам на МОФ се место каде младите луѓе можат да практикуваат слобода на изразување и да се запознаат со креативни начини за пренесување на своите ставови.
Членовите на клубовите, во текот на годишниот курикулум учат за: уметнички, онлајн и граѓански активизам; застапување; комуникација со публика и кампањи. Клубовите им овозможуваат на членовите да стекнат знаења и да експериментираат со уметноста како средство за слободно изразување преку користење на креативните алатки: стикери, постери, фанзини, аудио и видео прилози. Членовите добиваат можност своите знаења да ги користат за креирање на локални настани и акции на теми кои се од младински и општествен интерес.
Предавањата се организираат еднаш неделно, а членовите на клубовите имаат можност да препорачуваат и бираат модули кои ќе бидат обработени на предавањата.
Целта на секој клуб е да го обучи членот независно и самоуверено да ги користи алатките кои се изучувале, но и да обезбеди безбедна, здрава и поддржувачка средина за младите да можат да ги изразат своите ставови, мислења, афинитети. Но, најважно – да се изградат себеси и да истражуваат.
Во моментов постојат неколку клубови во Северна Македонија, и тоа во: Скопје, Теарце, Струмица, Битола, Ростуше и Крушево. Повикот за нови членови во клубовите Артивизам се отвора на почетокот на секоја учебна година. Предавањата се организираат еднаш неделно во периодот од октомври до мај. Покрај неделното предавање, членовите имаат можност да се вклучат во различни изборни предавања кои се од нивен интерес, како да земат учество на обуки, посети на институции, летни академии и слично.