Младински образовен форум денес (11.02.2022) ги промовираше клучните наоди од трите мали истражувања на кои се работеше изминатите неколку месеци.
Овие три мали истражувања се креирани од три млади истражувачи кои во изминатиот период, со поддршка од нивните ментори, работеа на истражувања кои се фокусираат на идеологијата на младите и улогата на образованието, младинското претприемништво како и анализа на новиот модел на студентско организирање.
Стефан Дојчиноски, кој со помош на менторот Симонида Кацарска ги истражуваше можностите и пречките на младинското претприемништво, наиде на податоци дека формалниот образовен процес не нуди соодветна можност за стекнување на знаења и вештини за претприемништво детектираше јасен недостаток на практично и искуствено учење, како и учење за тимска работа. Истражувањето покажа дека владее и скептицизам и негативни ставови кон претприемништвото и самовработувањето како кариерна опција кои се доминантни кај родителите на младите луѓе. Според наодите, младите во голема мера сами ги финансираат своите деловни потфати, додека административниот процес се покажа како комплициран, корумпиран и неефикасен. Препораките што авторот ги наведе се однесуваа на промени во наставните програми во кои се предава и учи бизнис и претприемништво, соодветно регулирање и воведување на современи модели за финансирање на стартапите, дигитализацијата на администрацијата и поедноставување на постапката за стечај и ликвидација за млади претпријатија, со што би се намалила бариерата за излез при евентуален неуспех.
Јоана Тренеска, со менторство на Борјан Ѓузелов, ја истражуваше улогата на образовниот процес во градење на идеолошки гледишта кај младите, со квантитативна методологија. Резултатите покажаа дека образованието игра пасивна, маргинална улога во идеолошките ставови, иако бројни трудови покажале дека подолг образовен процес доведува до полиберални ставови и поддршка за демократски практики. Фактори што се пресудни, или подоминантни причинители се возраста, полот, местото на живеење и слични карактеристики. Имено, млади од рурални средини кои се повозрасни, имаат поголема веројатност да се поконзервативни, и да ја поддржат идејата дека на ЛГБТ заедницата не им е место во политиката, дека мажите се подобри политичари од жените и дека на нашата земја ѝ треба лидер со цврста рака. Препораките на авторот вклучуваат ажурирање на наставните програми и едукација на наставниот кадар, при што младите преку својата секундарна социјализација ќе изградат либерални ставови и отпор кон авторитарни практики.
Стефан Видиков, со менторство на Мартин Галевски, го анализираше новиот модел на студентско организирање, со осврт на студентските претставници на Универзитетот “Кирил и Методиј.” Наодите од спроведената анкета и интервјуа укажуваат на поголема демократија и олеснет процес на кандидирање во однос на претходниот модел на студентско организирање. Меѓутоа, проблемите лежат во малата излезеност на студентски избори, слабата интеракција помеѓу студенти и студентски претставници, многу мало влијание врз телата во кои претставниците ги претставуваат студентите и слаба координација помеѓу активностите на УСС и ФСС. Според дел од препораките на Видиков, потребно е зголемување на средствата за студентско организирање, поголема поддршка на проектите на УСС кои стимулираат научна дејност, како и олеснување на бирократските процедури за одобрување средства за потребите на студентските собранија.
Младите истражувачи беа менторирани од алумнисти стипендисти на програмата за Академски стипендии за граѓанско општество на Фондацијата Отворено Општество Македонија.
На презентацијата на наодите учествуваа претставници од граѓанскиот сектор и студентските претставнички тела. За време на дискусијата, Ева Цветковска, Претседател на Универзитетско Студентско Собрание при УКИМ, посочи дека кратките мандати од една година се реакција на претходните пракси во кои студентските претставници не ги пуштаат своите позиции со години.
Истражувањата беа презентирани на онлајн настан насловен “Промоција на клучни наоди од три мали истражувања” на која беа презентирани наодите и беше организирана дискусија со авторите на делата, нивните ментори, лица од граѓански организации, лица што се бават со научни истражувања и претседателот на Универзитетско Студентско Собрание.
Истражувањата се изработени од Младински образовен форум во склоп на проектот „Академски стипендии за граѓанско општество” подржан од Фондација Отворено Општество Македонија.