Промоција на транспарентност во образованието: Тренинг за младински активисти

Кампусот на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово беше домаќин на 26 млади студенти од три различни универзитети во Македонија, кои земаа учество во “Тренинг за младински активисти: градење на транспарентен образовен систем“. Овој тренинг е дел од активностите на проектот Транспарентност во образованието (ТЕН) кој е имплементиран од страна на Младински образовен форум, во соработка со ЈИЕУ, а е поддржан од страна на USAID и Education Development Center [EDC]. Активностите од ТЕН проектот се имплементираат од 2009 година, со поддршка на Центарот за биоетика на УНЕСКО и професорот Ментор Хамити. Проектот има за цел да придонесе кон создавање на транспарентни високообразовни институции, преку зајакнување на институционалната и правната рамка, како и да придонесе за јакнење на етичките вредности кај сите членови на академската заедница. До сега беа релизирани различни активности: семинари, конференции, трибини, видеоконкурси, јавни кампањи. Проектните активности кои се имплементираат во Македонија од страна на Младински образовен форум, се дел од активностите кои останатите партнери од ТЕН мрежата ги имплементираат во своите матични земји, Ерменија, Азербеџан и Украина.

Тренингот за младински активисти кој се оддржа на 5 и 6 февруари 2011 имаше за цел да создаде форум за отворена дискусија за подобро разбирање на проблемите со образовната корупција, причините и долгорочните ефекти од овој штетен феномен за високото образование и воопшто општеството. Учесниците работа на идентификување на улогата на јавниот, граѓанскиот и приватниот сектор во борбата против корупцијата, како и издвојување на специфичните одговорности на секоја од засегнатите страни во овој процес. Една од сесиите беше посветена на анализа на антикорупциските мерки и политики имплементирани во системот на високо образование во Македонија. Учесниците работеа на развивање на идеи за јавни настани и кампањи за подигнување на свеста кај студентите и пошироката јавност за проблемот на корупцијата во образованието.

По завршувањето на овој тренинг 26 млади активисти ќе бидат вклучени во идните активности на младинските организации и универзитетите за промоција на транспрарентноста и етичките вредности во високото образование во Македонија.  

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: