Локалниот Младински Совет на Општина Ново Село кој беше формиран на 8 јуни, вчера ја одржа својата промоција во Домот на Културата во Општина Ново Село.
Советот основан од страна на повеќе младински организации, организации за млади, подмладоци на политички партии и млади луѓе, има за примарна цел активно да ги вклучи младите, во одлуките кои се донесуваат на ниво на општина, а кои ги засегаат сите нив.
Со овој Совет сметаме дека ќе се промени улогата на младите од пасивна во активна и дека тие ќе даваат свои идеи за реализирање на повеќе активности, истакна Божанка Карачанакова, претседател на ЛМС.
Локалниот совет ќе биде управуван од страна на Генерално собрание и Управен одбор. Мисијата на овој совет е да ги претставува интересите и потребите на младите луѓе, да обезбеди информирање, вклучување и активно учество на младите луѓе во процесот на донесување одлуки на секое ниво.
Потребата за креирање на ЛМС – Ново Село доаѓа од фактот дека младите не беа вклучени во процесот на донесување на одлуки во оваа општина. Креирањето на ЛМС Ново Село, беше со една цел – да биде врската меќу младите и општината. Секогаш кога младите ќе имат проблем поврзан со нив ќе треба да се обратат до ЛМС, а подоцна ЛМС ќе се обрати до Општината со проблемот кој ги засега младите, изјави Антонио Данилоски од Младински Образовен Форум.
Градоначалникот на Општина Ново Село, Блажо Велков истакна дека од суштествено значење е младите да можат да влијаат на донесувањето одлуки во општината.
Локалната власт е најблиску до младите луѓе и како таква игра многу значајна улога во промовирањето на учеството на младите во јавниот живот. Имајќи ја таа можност, ние како локална власт може да обезбедиме младината не само да биде запознаена со демократијата, граѓанскиот статус и донесувањето одлуки, туку и да ги практикуваат истите. Учеството на младината не е важно само за градење на активно граѓанство туку и за градење на демократијата, додаде Велков.
Иницијативата за основање на Локалниот младински совет во Општина Ново Село се реализираше од страна на Младински образовен форум како дел од „Проектот УСАИД за граѓанско општество“ во соработка со Општина Ново Село.
Моника Кочовска