Промовирана брошурата „Студентски дилеми и проблеми“

На 24 јуни (вторник) со почеток во 13:00 часот во просториите на Американското Катче во Битола се одржа трибина посветена на проблемите со кои се соочуваат студентите и беше промовирана брошурата „Студентски дилеми и проблеми“. На трибината присуствуваа повеќе од триесетина млади луѓе, студенти како и идни студенти кои сакаа повеќе да дознаат за своите права и како да ги остварат истите.

Трибината ја организираше МОФ на тема – „Со какви проблеми се соочуваат студентите?“ во соработка со Американското Катче во Битола. Оваа трибина е четврта по ред трибина организирана во рамки на проектот „Советодавен сервис за права на млади“, проект кој го спроведува Младински образовен форум поддржан од страна на Амбасадата на САД во Скопје, со цел да се покрене дискусија за прашања кои ги засегаат студентите, каде да се обратат во случај на повреда на нивните права и кој е надлежен да одлучува. Брошурата „Студентски дилеми и проблеми“ е посветена на дел од прашањата кои секојдневно си ги поставуваат студентите и проблемите со кои се соочуваат. Во нејзе студентите ќе можат да најдат одговор на прашањата кои се однесуваат на почетокот на студирањето и стекнувањето на статусот студент, правото на студирање, институциите кои се надлежни да одлучуваат за правата на студените, студентскиот стандард, правото на престој во студентските домови, па сè до добивање на оценките и квалитетот на наставата.

Говорници на трибината беа дел од членовите на советодавниот сервис за права на млади, еден од авторите на брошурата како и поранешниот студентски правобранител Адв. Никола Главинче.

Брошурата „Студентски дилеми и проблеми“ ја отсликува ситуацијата во која се наоѓаат студентите кога ќе се соочат со некаков проблем во нивните образовни установи, не знаат на кого да се обратат, не се запознаени, сето тоа им звучи премногу формално и институционално“ рече Мартин Алексоски ко-автор на брошурата.

Никола Главинче поранешен студентски правобранител, зборуваќи им на младите од своето поранешно искуство како поборник за правата на студентите ги охрабри студентите да се залаагаат за остварување на своите права потенцирајќи „Студентите кои се обратиле и барале остварување и заштита на своите права во голем број случаи и ги оствариле истите, за разлика од оние студенти кои останале пасивни и воопшто не се заложиле за остварување на своите права.

Тања Поповска, советник во категорија млади и комуникација со институции ги повика младите да поставуваат прашања, која заклучи „Во денешно време можеби најтешко е во вистинско време да ја имаме вистинската информација, а од друга страна пак знаеме дека незнаењето на правото штети и не оправдува доколку направиме некој пропуст. Токму затоа за младите го изработивме овој микросајт преку кој ги информираме за нивните права и ги советуваме како да ги остварат истите.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: