Да не помине академската година без студентско организирање
Промовирана веб платформа за информирање на студентите
Денес, 21 декември 2018, во Хотел Солун во Скопје се одржа тркалезната маса „Студентско (не)организирање – проблеми и решенија“. На настанот организиран од Младински образовен форум (МОФ) со поддршка од DemocracyLab, Peacetech Lab и Амбасадата на САД, учествуваа 30 студенти, професори и претставници од различни институции, кои дискутираа за реформирањето на студентското организирање и потребата од студентски избори.
На тркалезната маса се презентираше новата веб платформа www.studentskisobranija.mk за информирање на студентите за студентското организирање на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Оваа веб страница е изработена од МОФ да помогне на студентите да се информираат за студентското организирање и да ги користат своите права.
На настанот дојде до израз тоа дека новото студентско организирање треба да донесе промени, но прво треба да се воспостави. Помина цел семестар откако стапи на сила новиот Закон за високо образование, со кој конечно требаше да се формираат вистински студентски претставнички тела. Правата на студентите се заглавени во институционалните лавиринти, и студентите не можат да добијат избори и свои претставници додека не се усвојат статутите на универзитетите.
„Собранието имаше должност да изгласа нови статути на универзитетите, како што налага новиот Закон за високо образование, за да можат студентите да можат да се вклучат во одлучувањето. Студентите се заборавени и повторно немаат шанса да одлучуваат и да учествуваат, и доведена е во знак прашалник нивната позиција во самата академска заедница“, кажа Петар Барлаковски од МОФ.
Сефер Селими, извршен директор на Demoracy Lab посочи: „За да се разбере суштината на студентското организирање, пример е тоа што се случува со студентите моментално во Тетово. Имаме студенти кои во неможност да ги канализираат своите барања се принудени преку протести да ги кажат своите потреби“.
Стефан Дојчиноски, член на работната група која го изготви Законот за високо образование кажа: „Избравме делегратски модел за сите факултети рамноправно да учествуваат во Универзитетското студентско собрание. Студентот треба првичните битки да ги извојува внатре во универзитетот“. Борјан Ефтимов – претставник на Студентската организација на Правен факултет „Јустинијан Први“ истакна: „Главниот проблем и кочница неформалните организации да учествуваат во учествувањето е брократијата. Мораме да ја притиснеме бирократијата и да поченеме со спроведување на Законот за високо образование“.
Присутните професори и студенти на настанот посочија дека и онаму каде што уште има студентски претставници во телата на факултетите и универзитетите, тие се нелегални, а со тоа и сите одлуки кои овие тела ги носат. Прашаа и дали студентите биле вклучени во изработката на новите статути кои се очекува допрва да се донесат. Целта на настанот беше да ја отвори дебатата за новото студентско организирање, очекуваните избори и да ја промовира платформата за информирање на студенти.
Беше промовирано и едукативното видео „Што се факултетски и студентски собранија?“