Барај
Close this search box.

Протестираме за слобода, правда и демократијa

We protest for freedom, justice and democracy

Protestojmë për liri, drejtësi dhe demokraci

Protestiramo za svobodo, pravičnost in demokracijo 

Почитувани сограѓани,

Ви се обраќаме во текот на криза каква што Македонија досега нема видено.  Младите и граѓаните денес се загрозени и нападнати на начин кој не смее никој да го остави рамнодушен.  Граѓанските организации се блокирани, напаѓани и етикетирани. Институциите повеќе не работат во служба на граѓаните кои ги имаат создадено и кои се основниот извор на нивниот легитимитет.  Поради сите овие причини, Младински образовен форум од денес протестира!

ПРОТЕСТИРАМЕ ЗА НАШИТЕ СРЕДНОШКОЛЦИ И НИВНИТЕ РОДИТЕЛИ

Протестираме затоа што се плашиме за безбедноста и личниот интегритет на нашите средношколци. Преговорите меѓу средношколците и институциите започнаа само по огромни притисоци, откако малолетни деца мораа да пројдат две недели на улица, спиејќи во шатори и губејќи часови, не затоа што сакаа, туку затоа што мораа. Министерството за образование и наука ја стави под знак прашање иднината на илјадници наши деца.

Протестираме поради институциите кои наместо да ги заштитат средношколците, ги угнетуваат и репресираат.  Директори на  училишта се закануваат на учениците и наставничкиот кадар со голем број на репресивни мерки. Го напаѓаат уставно загарантираното право на граѓаните да го искажат своето мислење слободно, како и правото на децата да имаат став и да бидат сослушани според Конвенцијата за заштита на правата на детето. На учениците кои учествуваат  во преговорите им се кажува дека надлежните „знаат кој ги праќа”, а пак против оние што протестираат се води кампања за нивна лична дисквалификација.

Протестираме затоа што средношколците никогаш не беа консултирани за нивното образование.  Политиките во средното образование се нерационални и погрешни.  При нивната подготовка не беа земени предвид ничии ставови – наставниците, стручните лица, ниту граѓанските организации.  Поради ова Македонија ќе изгуби генерации на интелигентни, креативни млади, кои се моторот на развој на секоја нормална држава.

Нема изговор кој може да го оправда ова однесување. Од оваа репресија страдаат нашите деца,  родителите, наставниците.

ПРОТЕСТИРАМЕ ЗА НАШИТЕ СТУДЕНТИ И НАШИТЕ НАСТАВНИЦИ И  ПРОФЕСОРИ

Протестираме против притисоците на кои се изложени професорите и наставниците од страна на своите претпоставени и од страна на институциите. Протестираме затоа што им се ограничува правото на штрајк. Протестираме затоа што нивното организирање се претвора во игра на поделби и отуѓување на нивниот синдикат.

Протестираме затоа што гласот на студентот во Македонија со години се игнорира, а студентскиот активизам пробува да се задуши и контролира преку монополизирани организации. Последниве месеци студентите беа омаловажени повеќе од било кога.

Протестираме поради тоа што студенти беа тепани, апсени и напаѓани во читални. Протестираме затоа што се таргетираа членови на Студентскиот Пленум. Во моментот на пишување на ова писмо, седум студенти се во притвор за наводно учество во насилништво. На овие студенти не им е дозволен контакт и се изолирани. Дури и да постојат сомнежи дека извршиле криминални дејствија, студентите требаше да бидат испратени на домашен притвор. Овие студенти се фактички политички затвореници во својата држава.

Протестираме затоа што не можеме да останеме неми на грубиот напад на автономијата на универзитетите. Државата сака да го контролира високото образование и наместо во потрага по вистината, високото образование да трага по поткрепа на политиките на власта. Партиската припадност е поважна од стручноста и академскиот потенцијал, а бројот на реформите е поважен од ефектите што тие ги имаат.

ПРОТЕСТИРАМЕ ЗА СИТЕ МЛАДИ КОИ ВЕЌЕ НА ЈА ГЛЕДААТ СВОЈАТА ИДНИНА ВО МАКЕДОНИЈА

Протестираме за неуспехот на оваа држава да обезбеди вработување за половина од својата младина. Бројот на залепени партиски плакати стана поважен од бројот на високи оценки. Младите кои работат во државните институции се присилени да бираат меѓу слободата на изразување и работното место. Младите кои сакаат да отворат свој бизнис мораат да живеат во постојан страв од нарачани инспекции и државен рекет.

Протестираме затоа што секој втор средношколец и речиси секој студент би сакал да си замине од Македонија засекогаш. Нашите врсници веќе го направија тоа, затоа што не сакаат да живеат во држава која работи против нивните интереси. Одбиваме да бидеме избркани од својата држава!

ПРОТЕСТИРАМЕ ЗА СИТЕ НАШИ СОГРАЃАНИ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Протестираме затоа што е бесрамно прекршено уставното право на слободно движење и правото на јавен собир, а граѓаните не смеат да се соберат пред Владата која ги доведе до оваа точка од која нема враќање. Живееме во земја во која безбедноста на барокните фасади е поважна од безбедноста на граѓаните.

Протестираме затоа што сите не сме еднакви пред законот. Правдата се спроведува селективно како алатка за замолчување на неистомислениците. Границите меѓу извршната и правосудната власт се избришани, а државата го смета откривањето на долгогодишната злоупотреба на највисоките државни позиции за поголем криминал од самата злоупотреба.

Протестираме затоа што политиката е одземена од рацете на граѓаните. Протестираме затоа што на граѓанските организации се гледа како на државен непријател. Протестираме затоа што им се затвораат вратите на институциите, затоа што се игнорираат нивните мислења, а нивните активисти се етикетираат и осудуваат.

Протестираме затоа што не поделија по сите основи. Протестираме затоа што луѓето се плашат да кажат дека имаат различна сексуална ориентација. Протестираме затоа што вработените во админстрацијата се плашат за својата работа ако излезат на улица.

Протестираме затоа што медиумскиот простор е затруен со омраза и клиентелизам, затоа што на прсти се бројат медиумите кои од петни жили се борат да известуваат објективно. Протестираме затоа што знаеме дека штом ќе излезе ова писмо во јавноста, повторно ќе бидеме пак нападнати, а нашите членови по којзнае кој пат етикетирани.

Протестираме затоа што нашите граѓани се будат во страв, за себе и своите најблиски.

Протестираме и ќе протестираме, бидејќи во сите демократски земји, кога институциите на државата работат против, а не за граѓаните, одговорните лица даваат оставки.

Го поддржуваме секое автентично движење кое ќе застане во одбрана на нашата земја и последните изблици на демократија!

До тој момент, ќе протестираме и ќе застанеме во поддршка на нашите сограѓани!

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: