Младинскиот совет на амбасадата на САД во Македонија втора година по ред го организира целодневниот настан „Кариерен Експо 2014“. Станува збор за целодневен настан на кој триесетина компании од Република Македонија ќе ја презентираат својата работа и ќе нудат можности за пракса и вработување на сите заинтересирани млади луѓе, а посетителите ќе имаат прилика и да земат учество на една од деветте работилници кои ќе се одржат на овој саем и ќе имаат за цел зајакнување и зголемување на капацитетите и вештините на младите луѓе.
Овој настан ќе се одржи на 14-ти ноември, 2014 година во просториите на Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ и ќе трае од 12:00 – 18:00 часот.
Младински образовен форум ќе земе учество на овој настан во една од деветте работилници. Станува збор за „Правата и обврските кои произлегуваат од работниот однос“ која ќе биде спроведена преку програмата Учиме право, каде двајца предавачи ќе одржат 45 минутна работилница на оваа тема, користејќи ја методологијата на Учиме право. На присутните посетители ќе им бидат објаснети дел од правата и обврските кои им следуваат кога ќе го засноваат работниот однос со работодавачот, како и начините и механизмите за заштита кога правата ќе им бидат загрозени или повредени.
На овој начин, Младински образовен форум ќе даде свој придонес кон развојот на вештините кои им се потребни на младите луѓе за полесно да пристапат на пазарот на трудот и да ја добијат посакуваната кариера.
Повеќе информации можете да најдете овде.