Реакција на Граѓанските организации за ребалансот на Буџетот на Република Северна Македонија во септември 2019 година
Изразуваме загриженост за намалувањето на финансиите во секторот образование со ребалансот на Буџетот на Република Северна Македонија во септември 2019 година.
По „Транспорт и врски“ и „Финансии“, „Образование“ е третиот сектор со најмногу кратењa предвидени во овој ребаланс. Па така, најмногу се крати во високото образование – 329 милиони денари, по што следува ставката „инвестиции во образованието“ – 218 милиони денари и ставката основно образование – 147 милиони денари помалку. Бирото за развој на образованието е предвидено да добие 18 милиони денари помалку, при што најголемиот дел од средствата се кратат од ставката „професионален развој на воспитно образовниот кадар во основното и средното образование“, па прашање е кој и како ќе го подобрува квалитетот на настава ако самите наставници не се поддржани за дополнителен професионален развој.
Во предвидениот ребаланс има кратења кои се оправдани, но зошто кога веќе има простор за кратење во секторот „образование“ како на пример средствата наменети за изградба на факултетски згради во дворот на УКИМ, овие средства да не се употребат во истиот сектор каде што навистина се потребни? На пример позитивно е што со ребалансот се зголемуваат средствата за студентски стандард и децентрализација, па зошто да не биде исто и за други важни прашања?
Државата е на четврто место од дното на ранг-листата на меѓународното ПИСА тестирање кое ја мери употребливоста на знаењето на учениците. Родители самостојно бојосуваат училишни простории, а ученици собираат средства за тоалетна хартија и сапун. Државните студентски домови во Скопје добиваат само 61 денар за три оброци дневно по студент.
Пример за корисна инвестиција е изградбата на современото училиште „Киро Глигоров“ кое по сите стандарди овозможува инклузивно образование. Наместо да се намалува ставката за инвестиции во образованието, треба да се следи овој пример и во останатите средини каде потребните услови за работа и вклучување на учениците со попреченост се сѐ уште неостварена цел. Со ребалансот има 70 милиони денари помалку за изградба на основни училишта, а 20 милиони денари помалку се предвидуваат за изградба и реконструкција на средни училишта. Намалување од 25 милиони денари има во ставката за реконструкција на ученички домови.
Доколку подетално се погледне во ребалансот, се гледа дека од ставката „Инвестиции во образованието“ најголемо кратење – 100 милиони денари има кај изградба и реконструкција на студентските домови. Состојбата во студентските домови и понатаму ќе остане нерешено прашање ако уште една последователна година се потфрли со трошењата за нивна изградба и реконструкција.
Се поставува прашањето зошто ако веќе има простор за пренамена на средства од „образование“ во друг сектор, со нив не се затворат прашања што со години нѐ мачат? При планирањето на буџетот за следната година корисно би било Владата и Собранието да ги земат предвид мислењата на лица кои се секојдневно и директно инволвирани во овие прашања (директори на образовни институции и училишта, наставници и професори, граѓански организации, експерти).
Навистина е потребно во следниот државен буџет за образование да се предвидат средства за:
обезбедување инклузивно и еднакво квалитетно образование за сите ученици низ државата; обновување на инфраструктурата и подобрување на хигиената во училиштата; учебници за сите предмети во сите образовни степени и на сите јазици на настава, осовременување на методите и помагалата за предавање во училиштата; модернизирање и соодветно опремување на средните стручни училишта; обезбедување на пристап до современа светска литература преку разни бази за учениците и студентите; научни истражувања и за самостојна научно – истражувачка работа на студентите; подобрување на состојбата во студентските домови и условите во кои престојуваат станарите; поддршка на активности на средношколските заедници и студентските парламенти; воведување на сеопфатно сексуално образование; поддршка на неформално образовни активности; и многу други потреби.
Особено е важно да се инвестира повеќе и на плански начин во образованието за да може да очекуваме образовани, задоволни и компетентни млади кои ќе го придвижат општеството напред!
Листа на организации кои ја поддржуваат оваа реакција:
– Младински образовен форум
– Фондација Отворено општество – Македонија
– Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија
– Студентска организација при Правниот факултет „Јустинијан Први“
– Здружение Млади Европски Федералисти – Македонија
– Фондација Метаморфозис
– Реактор – Истражување во акција
– Здружение на граѓани „Ромаверзитас“
– Сојуз на Извидници на Македонија
– Центар за интеркултурен дијалог – Куманово
– Национален младински совет на Македонија
– Сојуз за младинска работа
– Чекор по чекор
– ХЕРА асоцијација за здравствена едукација и истражување
– Здружение за едукативен развој Еквалис – Скопје
– Младински сојуз Крушево