Почитувани,
Во поглед на Национална студентска декларација на Студентски парламент на УКИМ, Младински образовен форум (МОФ) ги изнесува следниве ставови:
• Принципите за коишто се залага оваа декларација се генерални, недоволно објаснети; истите не го застапуваат начелото на слобода на мислење и плуралитет.
• Во декларацијата многу пати се спомнати термините „национален став, национално единство, национална програма“. Ние сметаме дека ваквата унифицираност придонесува кон едноумие, непокажување на различноста на мислењата на студентите по однос на сите прашања кои ги засегаат.
• Оваа декларација утврдува само општи цели кои би требало да бидат прифатени од сите студенти, а притоа не дава никакви насоки и не нуди никакво конкретно решение.
• Она што не може а да не се забележи во самата декларација е тоа дека истата е општа, помпезна и во очигледен недостаток на прагматизам. Самиот процес на ,,ставање на маса” на декларацијата само два дена пред нејзиното потпишување за нас е ултимативно и не соодветствува со заложбите за синхронизирано и заедничко делување.
Дополнително, МОФ излезе во јавност со Декларација за реформи во студентското организирање (на јавна трибина која се одржа на 22.03.2010) каде за прв пат во Македонија се понуди конкретно решение на многу од проблемите во студентското организирање и се нуди правна сигурност за сите студенти преку креирање правна рамка за Закон за студентско организирање. Како потписници на оваа Декларација која нуди решенија на специфични проблеми, се јавија голем број на младински организации, но не и СПКУМ – кој одби да ја потпише декларацијата.
Следствено, некоректна е изјавата на претседателот на СПУКМ Иван Живковски, кој во поглед на декларацијата го изјави следното: „Ваква идеја досега не е изнесена во јавноста во нашата држава“, кога само неколку месеци претходно, СПКУМ одби да се потпише на декларацијата на МОФ.
Во поглед на точките на Националната студентска декларација, МОФ ги дава следните забелешки:
„Да се залага за постигнување на национален студентски став и покрај сите разлики помеѓу студентските организаци и истиот да го брани и застапува како на домашен така и на меѓународен план.“
СПУКМ кој по сопствената дефиниција треба да го содржи начелото на плурализам, не смее да повикува да се занемарат идејните разлики помеѓу студентите. Ние сметаме дека токму тие водат кон поквалитетно студентско организирање и подобар студентски стандард.
Притоа, се согласуваме дека секоја невладина организација треба да се бори за студентските права и подобрување на студентскиот стандард. Она со што не се согласуваме е хипокритичноста на Студентскиот парламент кој наводно стимулира вклучување на сите НВОа во борбата за подобрување на студентскиот стандард, а токму таа организација од 1991 година до денес се претставува како единствен легитимен претставник кој има единствено право да зборува за студентски права и обврски. Притоа, секоја останата организација која работи на заштита на правата на студентите и подобрување на високото образование беше/е карактеризирана како нелегитимна и неважна.
И покрај тоа што наведувате дека треба да се има национален студентски став не наведувате на кој начин истиот би се спровел во пракса, односно кој е начинот на усогласување помеѓу организациите и дали СПУКМ како организација сака да се наметне како гласноговорник на истиот. Дали национален студентски став подразбира присила на студентите за плаќање на партиципација за СП, отсуство на реакција кога студентите се физички нападнати на мирен протест, цензура на студентско радио, и слични примери? Единствените кои што парадоксално не беа против сите овие работи беа токму СПУКМ.
„Да допринесе и да се залага за формирање на национална студентска програма и да работи за остварување на истата.“
Приципот на едноумие што го нуди оваа декларација под капата на единство, ниту може да ги оствари зацртаните цели, ниту пак ние како организација би сакале да учествуваме во умртвување на различните ставови и мислења на студентите.
„Да даде активен придонес во борбата со корупцијата во високото образование.“
Истражувањата кои МОФ и други организации ги спроведуваат на тема корупција во високо образование покажуваат дека СПУКМ е иницијатор на корупција, а не борец против корупција. За илустрација, на последното истражување кое МОФ го спроведе за корупција во студентските домови, токму СПУКМ беше лоциран во перцепцијата на студентите како еден од стожерите на корупцијата при распределба на легла. СПУКМ, пред се, треба да започне борба против корупцијата во сопствените редови.
„Да се залага за подобрување, овозможување и правење се подостапна за студентите – програмата „Life Long Learning“.“
МОФ со изненадување ја прими веста дека програмата е ставена на паузирање. Кога се случуваа сите овие настани, СП ниту еднаш не излезе со став, со мислење, со прашање до институциите (како што се очекува од „легитимен“ претставник на студентите).
„Да се залага за демократски развиток на општеството, како и за индивидуално созревање на студентите.“
Студентското движење во сите „позрели“ демократии на западните Универзитети е уредено во духот на плурализмот и правото на избор на студентите за тоа каде тие сакаат да членуваат, за жал тоа досега не е случај кај нас. Задолжителното членување во СПУКМ, нетранспаретноста и ниската излезност на изборите за студентски претставници не се заложби за демократизација. Вистинските заложби би оделе во насока на промовирање отвореност и демонополизација (односно можност за влегување на разни студентски групи (формални и неформални) во управувачкиот процес), транспарентност во работењето и можеби најбитно од се, составување на вистинско меѓууниверзитетско претставничко парламентарно тело.
„Да допринесе во процесот на интегрирање на Република Македонија во Европското семејство на народи, како битен дел за животот и стандардот на студентите, воедно како и на сите млади луѓе.“
Од СПУКМ до денес не сме виделе ниту една активност која води кон интегрирање на Македонија кон Европската Унија. Не би сакале ниту да помислиме дека вашиот придонес за интеграција на РМ во ЕУ ќе биде сведен (од вашите досегашни активности поврзани со евроинтеграциските процеси) на ,,спонатни собири” пред центарот на Европската Комисија во Скопје и свиркање за евроинтегративните процеси на државата.
Поради горенаведените причини, МОФ не ја поддржува Национална студентска декларација. Сметаме дека единствен начин да се подобри моменталната ситуација е да се изготви квалитетен закон за студентско организирање и на демократски и отворени избори да се избере Студентски парламент кој на транспарентен начин ќе се ангажира на решавање на студентските проблеми и ќе го напредне квалитетот на студентскиот живот и образование.
Со почит,
Младински образовен форум
20.10.2010