Република Млади во Скопје: Речиси 50% од младите во Македонија се невработени, а дури 96.6% од младите би почнале со работа наредната недела

Republika Mladi vo SkopjeЕден од најголемите проблеми на младите во Република Македонија е невработеноста. Додека во државата вкупната стапка на невработеност е 32%, за младите на возраст од 15 до 29 години таа е значително повисока и изнесува дури 45.8%, што значи дека речиси половина од младите во Македонија се невработени.

99% од младите сакаат да работат, а само 17.9% или помалку од една петина заработуваат свои пари преку работа. Шокантен е фактот што неверојатни 96.6% од младите би почнале да работат наредната недела. Ова се резултати изнесени од истражување, реализирано од Реактор-истражување во акција, на јавната дебата – Република Млади. Оваа дебата, реализирана во Скопје, е дел од циклусот дебати организирани од Иницијатива за младинско учество (mladizakon.org).

Во салата, преполна од млади и младински организации, немаше претставници на државните институции(Агенција за вработување на РМ, Агенција за млади и спорт, претставници на бизнис сектор, претставници на факултети), како би ги слушнале младите и нивните проблеми и потреби. Младите, во повеќе наврати изразија револт кон ваквиот чин.

Невработеноста е само еден од проблемите на младите. Покрај вработување, младите сакаат да бидат вклучени и во процесите на одлучување, да има плурализам во младински одлуки, односно нивно директно учество.

Марјан Забрчанец, од Младински образовен форум, посочи дека доколку се носи Закон за млади, тој треба соодветствува на потребите на младите и им дава можност на младите да бидат директно вклучени во социјалните случувања. Токму затоа е организирана и оваа јавна трибина за широко учество на младите со свои мислења и препораки кои ќе влезат во т.н. Бела книга.

Линдита Реџепи, од Центарот за меѓукултурен дијалог од Куманово,  посочи дека е неопходно да се здружат младите како би биле поефективни во исполнување на своите цели, „последно што треба да се случи во оваа држава е да имаме паралелни групи на македноци, албанци, срби, роми, но и оние од рурални средини или со одредени попречености“.

„Младите мора да бидат консултирани, за да не се одалечат од општеството, како понатаму не би одговориле на општестовото со протест“, изјави Матијас Кристенсон, од Европски младински форум. 

Како одговор на изнесените мислења на  говорниците и младите, се донесе заклучок дека е соодветно да се создаде Младински парламент, кој би бил најдемократска форма за организирање на младите.

Препорака испратена до младите, во недостаток на функционална стратегија за млади, е да бидат похрабри и погласни кога сакаат да го споделат својот став.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: