Саем на организации „Млади за Велес“

Во младинскиот парк во Велес на 16 мај 2014, се одржа настанот насловен како „Млади за Велес“ на кој десетина невладини организации од градот ја покренаа иницијативата за формирање локален младински совет преку кој граѓанските организации ќе ги споделат желбите на младите.

Настанот „Млади за Велес“ вклучи саем на младински организации, на кој организациите од Велес преку свои штандови ги промовираа своите активности пред посетителите.  Присутни организации на настанот беа ОО на Црвен Крст, извидници, претставниците од техничко-технолошкиот факултет, средношколска заедница од ССОУ „Димитрија Чуповски“, доброволно противпожарно претпријатеие „Видра“, стрип центарот на Македонија но и членови од здружението „Македонски спасител“ кои ги промовираа своите  активности и приоритети пред младите.

На настанот присутните можеа да ја погледнат промоцијата на брошурата „Млади за Велес“ во која е објаснето зошто треба да се формира локалниот младински совет а вметнати се и деловите од локалната младинска стратегија на општина Велес.

Младите велешани сакаат да добијат кино, поголеми и побројни простории за спортување, за забава и рекреација и очекуваат дека со создавањето на локалниот младински совет оваа година ќе делува кон реализација на нивните приоритети.

Целта на настанот како што потенцираше еден од организаторите, Александар Арсовски е да се поттикнат младите да ги искажат своите приоритети и со тоа да влијаат да се промени нивниот живот и да имаат повеќе места за движење и забавување.

“Ова се само почетоци, се надеваме дека во иднина ќе имаме позитивен ефект, истотака пред извесен период формиравме и официјално прва средношколска заедница во градот и тоа е доказ дека младите од Велес сакаат да се организираат и да имаат свои претставништва“, истакна Александар.

„Младински активизам во Велес има но не на толку високо ниво, младите во Велес се активираат меѓутоа според мене, самиот број на млади не е доволен за да се формираат и други младински здруженија. Во поглед на некои прашања кои ги засегаат младите постои некој страв и не сакаат да се организираат и да спроведуваат некои помасовни активности“, истакна, Елица Радевска од здружението.

Настанот е дел од проектот „Развој на локално младинско учество и локални младински политики“ финансиран од ЕУ од регионалната ИПА програма а се спроведува од МОФ и ЦИД во 12 општини во државата меѓу кои и во Велес. Настанот го подржа и локалната самоуправа на општина Велес.

Проектот „Развој на локални младински политики и локално младинско учество во 12 општини“ е насочен кон младите луѓе, младинските организации и сите форми на младинско здружување и локалната самоуправа. Главната цел на проектот е да се зајакнат капацитетите на младинското здружување на локално ниво, нивно формално препознавање од страна на општините, како и заедничка работа за унапредување на младинските политики на локално ниво, преку развој на младински активизам, младинска работа и младинско учество во процесите на донесување на одлуки. Проектот вклучува соработка со локалните самоуправи, локални акции и јавен процес на основање Локални младински совети, со поддршка од локалната самоуправа во 12 општини, а е финансиран од Европска Унија (Регионална ИПА програма).

Сподели