Денес, на 26 Октомври во хотелот Александар Палас се одржа јавна дебата на тема: “Каква општина им треба на младите? Какви млади и се потребни на општината?“ , на која се дискутираше за статусот на младите на локално ниво и важноста од нивно вклучување во процесот на донесување одлуки.
Во времетраење од час и половина младите и општината дискутираа на прашања кои според мислењето на младите најмногу ги засегаат и можностите кои очекуваат општината да им ги пружи за зголемување на квалитетот на животот во својата опшина. Поделени во два тима, застапувајќи два спротивни ставови, за тоа што е поприоритетно за младите и придобивките на општината од својата младина, едниот тим го бранеше ставот дека образованието и културата како клучни компоненти треба да бидат најзастапени во животот на младите и дека токму локалните заедници се оние кои треба да им пружат прилики за да ги надополнат своите знаења. Другата страна сметајќи дека досега овие два аспекти се доволно застапени во изминатите години и долго време помалку или повеќе се работи на нив, на македонската прогресивна младина, потребна и е општина на која приоритет треба да и биде волонтеризамот и поголемо директно вклучување на младите во процесот на донесување одлуки.
Јавната дебата е прва од циклусот на јавни дебати организирани од Младински образовен форум и е дел од проектот „Фестивал на јавни дебати“, кој е поддржан од Секторот за локален економски развој од Општина Карпош и кој има за цел потикнување на дискусија помеѓу младите и локалната самоуправа, како и поголемо вклучување на младите во процесот на донесување на одлуки.