Парламентарци, организации и млади дискутираа на иста маса
На двочасовната трибина која се одржа денес во ЕУ Инфо центарот, организирана од 39 младински организатори – иницијатори за одбрана на учеството на младите во носењето на младински одлуки беше првата јавна трибина во која пратеници, претставници на невладини организации и млади дискутираа на иста маса за младински прашања. Големиот број на млади присутни слушатели беше доказ дека младите имаат свои ставови кои треба да бидат чуени.
„Закон за млади – младинско и граѓанско учество за обезбедување демократски законски решенија” беше насловот на јавната трибина на која учество земаа Тања Томиќ (Пратеник – СДСМ), Лилјана Поповска (Пратеник – ДОМ), Павле Трајанов (Пратеник – ДС), Даниел Калајџиески (Програмски координатор – ХЕРА), Јане Илијески (Сојуз на извидници на Македонија), Стојан Лазаров (Член на Извршен комитет и Унија на млади сили ВМРО ДПМНЕ), Стефан Богоев (СДММ), Ивон Величковски (Пратеник – ЛП), Дејан Докузовски (Младински образовен форум), Неда Коруновска Аврамовска (Реактор).
„Покрај дебатата која се случува во Собранието на Р.Македонија истата сакаме да ја прошириме на повиско ниво и во неа да се вклучат голем број на млади и младински организации. Креирањето на закон е голем чекор напред кон позиционорањето на младите во општеството но истиот не може да биде превземен без вклучување на младите во процесот…“ – ѓ-ца Дона Костуранова, Претседател на Младински образовен форум.
“…Законот треба да воведе основи на младинско организирање, а на младите треба да им биде оставено да бираат како ќе се организираат. Понатаму, законот има крупни недостатоци. Владата има интенции да стави стеги на младинското организирање…“ – г-дин Павле Трајанов, пратеник.
„Она што ние сметаме дека е потребно за младите во Македонија е да се направи стратегија за млади која ќе ги решава проблемите на младите .Сметаме дека е потребно Националната стратегија за млади или да се ревидира или пак да се направат акциони планови со чија помош ќе се решаваат младинските проблеми“ – г-ѓа Тања Томиќ, пратеник.
„…Она што треба да го разбере нашата Влада е дека ова се невладини организации, младинското здружување е партнер но не и дел од Владата, како партнер но не и како дел од законодавниот процес или производ на законодавен дом…“ – г-дин Ивон Величковски, пратеник.
…Доколку веќе е изгласана потребата од овој закон, тогаш истиот треба да се ревидира и да се отвори поголема политичка дебата, со што тој закон би бил добар за сите… Како сметаат предложувачите дека со овој закон младите ќе бидат вклучени во власта кога тие немаат право на глас ниту на локално ниво во општините или во Советите… – Стефан Богоев, СДММ.
…Организираност на младите не значи исполитизираност или искористување на младината како што гледавме неодамна, досега во Парламентот се зборуваше за пропадната штедилници, но никогаш не отвори дискусија за Закон за млади…- Стојан Лазаров, Член на Извршен комитет и Унија на млади сили ВМРО ДПМНЕ.
Стефан Богоев, Јане Илијески и г-ѓа Тања Томиќ ја идентификуваа потребата од вклученост на средношколци и студенти во советите кои гипредлага овој закон поради загриженоста од вечна партизација на Унија на средношколци и Сојуз на студенти. Помеѓу говорниците беше поставена и дилема дали овој закон има европски карактер или не, на што Стојан Лазаров посочи на вистински европски закон кој што го имаат и Австрија, Србија, Босна и Херцеговина и други земји.
Коалицијата од младински невладини организации, а воедно и сите млади присутни во публиката ја поздравија идејата за конечно регулирање на статусот на младите, но охрабруваат и младите да не бидат исклучени од процесот на креирање на сопствениот статус.