Младите од регионот дебатираат за слободата на изразување во случај на немири
“Државата треба да и даде приоритет на слободата на граѓаните пред безбедноста” и „Државата смее да воведе рестрикции на сите алатки за комуникација во случај на немири“ се двете теми на кои ќе дебатираат младите од регионот на престојниот дебатен турнир Macedonia Open 2011 кој ќе се одржува од 28-30 октомври во скопската гимназија Јосип Броз Тито. Користејки ја дебатата како алатка, средношколските делегации од Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Романија, САД и Македонија ќе ги соочат своите мислења за потребата од ограничување на слободата на изразување за сметка на безбедноста на граѓаните.
…Во Република Македонија младите имаат пристап до електронски комуникации и слобода да ги искажуваат своите мислења и ставови. Но за жал во западните демократии владите ставаат предност на безбедноста на луѓето и ги загрозуваат слободите на граѓаните. Според мене владите треба да им дадат приоритет на правата на луѓето и да не дозволиме во било кој случај без разлика дали се работи за протест или немир да го изгубиме правото на пристап до електронски комуникации…Теодора Столевска- дебатер од Македонија.
…Во случаи кога се загрозува безбедноста на граѓаните за време на протести владите имаат право да ги изгасат социјалните мрежи и да им овозможат на граѓаните најнапред безбедно да живеат. Сметам дека во вакви случаи безбедноста секогаш треба да има предност пред слободите на граѓаните, сепак најважна работа на државата е да им обезбеди безбедно живеење – Раде Шпегар, дебатер од Србија.
...Младите кои доаѓаат од земји каде има недостаток на квалитетна јавна дискусија на овој дебатен турнир ќе промовираат култура на дијалог на сериозни општествено политички теми. Овие ентузијасти млади лидери може да бидат пример за политичарите и јавните личности од регионот… Младински образовен форум преку своето работење во полето на дебата во изминативе 9 години постојано се обидува во јавноста да ја пласира потребата од дискусија на различни прашања и дебата за подобри решенија. – Бранкица Георгиевска, Младински образовен форум.
Турнирот се одржува 28-30 октомври 2011 во средното училиште Јосип Броз Тито во Скопје. Финалната дебата на турнирот ќе се одржи во свечената сала на Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје на 30 октомври 2011 година со почеток во 16 часот на која ќе се прогласи на победнички тим и ќе бидат прогласени и наградени и тројцата најдобри говорници на турнирот.
Сите дебати се од отворен карактер и секој заинтересиран граѓанин може да дојде и да ги следи дебатите.