На 16-ти јули 2014 година (среда), во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско општество се реализираше завршниот годишен настан за напредните Учиме право клубови од Скопје и Тетово. Во просториите на Центарот за Балканска Соработка – Лоја, од 17:00 – 20:30 часот, 17 членови кои успешно ја поминаа едногодишната програма изведоа симулациија на работата на Советот за безбедност при Организацијата на Обединетите Нации (ООН) и зедоа активно учество во истата.
Оваа симулација, преку петте постојани членки (САД, Народна Република Кина, Руската федерација, Велика Британија и Франција) и десетте непостојани земји-членки избрани од страна на Генералното собрание (Аргентина, Австралија, Чад, Чиле, Јордан, Литванија, Луксембург, Нигерија, Република Кореја и Руанда) ја прикажа работата на овој исклучително важен орган на ООН преку заседавањето и одлучувањето за безбедносната ситуација во Украина и односите помеѓу Украина и Русија. Учесниците ги изложија своите ставови и мислења во однос на ова сериозно прашање кое ја бранува меѓународната јавност веќе неколку месеци и се обидоа да ги придобијат своите колеги преку наведување на факти и аргументи за да гласаат во полза на нивната позиција. На крајот, делегатите се обидоа да донесат заедничка резолуција со предлог-мерки и активности кои би помогнале во насока на разрешување на конфликтот помеѓу овие две земји по мирен пат и во најскоро време.
Преку оваа симулација, членовите на Напредниот клуб практично го употребија и демонстрираа стекнатото знаење од годишниот курикулум за овој клуб кој опфаќа теми и области од меѓународното право и меѓународните односи.