На 14.10.2015 година (среда) со почеток во 17:00 часот, во просториите на ,,Канцеларија за млади на општина Центар” се одржа симулација на работата на Советот за безбедност при Организацијата на Обединетите Нации (ООН). Овогодинешната тема на симулацијата беше случајот „Мајдан“, односно се дискутираше воената интервенција на Русија во Украина, безбедносната состојба во овие две земји и на Кримскиот полуостров, како и односите помеѓу овие две земји и засегнатоста на земјите-членки на Советот за безбедност.
На оваа симулација, учество земаа десеттина членови на напредниот клуб на Учиме право од Скопје и на истите им беа доделени улоги на секоја земја-членка на Советот за безбедност на ООН. Сите членови на овој клуб направија истражување на дадената тема и ги подготвија своите случаи и аргументирано дебатираа во застапувањето на своите идеи и предлози.
По овој процес кој траеше безмалку три часа, по големиот број на излагања, реплики и контрареплики, на крајот делегатите на овие земји успеаа да донесат резолуција чиј спонзор беа Соединетите Американски Држави, а земји-потписнички Австралија, Литванија и Обединетото Кралство и да предложат одржување на конференција на најголемите и најважните политички партии за надминување на кризата, а во случај на неуспех, повторно да се организира референдум за изјаснување на граѓаните на Кримскиот полуостров околу евентуалната независност, како и наложија Руската федерација да им плати оштета на Украина и на семејствата на загинатите.
Целта на оваа симулација беше покрај теоретскиот дел, учениците и практично и одблизу да се запознаат со работата на Советот, со расправата која што се одвива, како и со процесот на носење на одлуки и резолуции. На овој начин, тие имаа можност да ги бранат ставовите на државата која што ја претставуваа, како и да ги побиваат аргументите на другите претставници на државите–членки.
На крајот на овој завршен настан, присутните ученици добија сертификати за учество во програмата Учиме право и активно следење и извршување на годишниот курикулум и програмските активности.
Во оваа прилика, програмата Учиме право при Младинскиот образовен форум (МОФ) би сакала да ѝ се заблагодари на општина Центар за обезбедувањето на просторијата за одржување на оваа симулација.