Во вторник (10.12.2013) со почеток во 17:30 часот во просториите на ГЕМ Клубот во Менада, предавачите по Учиме право ќе спроведат симулација на судење на случајот „Заборави ако можеш“.
Предавачите од МОФ ќе симулираат случај од областа на трговијата со луѓе и со тоа ќе го одбележат 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права. На овој начин тие ќе испратат порака против прекршувањето и повредувањето на дел од основните човекови права кои треба секому да бидат загарантирани: право на човеково достоинство, право на зачувување на физичкиот и моралниот интегритет, забрана за вршење на мачење, тортура и нечовечно однесување, ограничување на слободата на движење.
Дополнителна причина за организирање на овој јавен настан претставува стапувањето на сила на новиот Закон за казнена постапка (ЗКП) на 1 декември 2013 година. Целата симулација ќе се изведе според измените на овој Закон каде што за разлика од порано, кога судијата го водеше целиот главен претрес, сега веќе главен акцент се става на улогата на Јавните обвинители и бранителите на страната на обвинителството и на одбраната. Новина се и директното, вкрстеното и дополнителното испрашување на сведоците и вештаците во главната расправа (меѓу другото, се исфрла терминот „главен претрес“) кои ќе изиграат една од клучните улоги во добивањето на случајот.
Она што е особено интересно и различно е тоа што досега учениците – членови на Учиме право клубовите секогаш биле оние кои ги спроведуваат симулациите на судења од казненото и граѓанското право како алатка преку која најпрактично се учи како изгледа една постапка. Овој пат предавачите ја имаат таа одговорност и ги поделија улогите преку кои со употреба на мала глума и театралност, ќе се обидат да ги доловат најбитните измени опфатени со новиот Закон за казнена постапка и со тоа ќе го кренат нивото на јавната свест за ова исклучително важно прашање кое особено ги засега младите.