На 27.04.2013 година во Дом на АРМ со почеток во 16:00 часот Напредниот Учиме право клуб при Младински образовен форум за прв пат ќе ја изведе симулацијата на работата на Советот за безбедност на Организацијата на Обединетите Нации (ООН) предвидена како јавен настан во рамки на програмата Учиме право.
На симулацијата на Советот за безбедност на ООН, делегатите на петте постојани земји членки Кина, Русија, Соединетите Американски Држави, Велика Британија и Франција, како и десетте непостојани земји членки избрани за две години од страна на Генералното Собрание на ООН и тоа Аргентина, Азербејџан, Австралија, Гватемала, Луксембург, Мароко, Пакистан, Република Кореjа, Руанда и Того, на чело со Руанда како моментален претседавач во месец aприл, ќе одлучуваат за состојбата во Сирија. Во Напредниот Учиме право клуб формиран за прв пат во учебната 2012/13 година, членуваат средношколци во четврта година кои биле членови во Учиме право клубовите во претходната учебна 2011/12 година во средните училишта во кои се спроведува програмата Учиме право и кои продолжиле во Напредниот Учиме право клуб со цел да ги унапредат своите знаења за правото, демократијата и човековите слободи и права, со акцент на меѓународното право. Во рамки на предавањата во Напредниот Учиме право клуб, средношколците имаа можност да се запознаат повеќе со меѓународното право и меѓународните односи, да научат повеќе за Организацијата на Обединетите Нации, Советот на Европа како и Европската Унија и процесот на евроинтеграција на Република Македонија.
Симулацијата на работата на Советот за безбедност на Организацијата на Обединети Нации (ООН) – Случај: Вооружениот конфликт во Сирија” е прв настан во рамки на Напредниот Учиме право клуб во рамки на која учество ќе земат и неколку средношколци од Учиме право клубовите а настанот ќе го проследат членовите на Учиме право клубовите во СУГС “Никола Карев”, СУГС “Георги Димитров”, СУГС “Цветан Димов”, СУГС “Орце Николов”, СУГС “Раде Јовчевски Корчагин” и СУГС “Зеф Љуш Марку”.