“Обичен демократски ден на Слободан Љубопитковски во друштво на г-ѓа Јустиција” е насловот на брошурата која ја издаде Младинскиот образовен форум, со цел младите да се запознаат поблиску со демократските вредности и концептот на владеење на правото, како и механизмите за остварување на своите права. Брошурата претставува опис на еден обичен ден на Слободан Љубопитковски кој поставува многу навидум смешни прашања, на кои г-ѓа Јустиција му одговара, а преку нив тој учи за демократијата и владеењето на правото.
Слободан учи дека правото е присутно насекаде околу него и дознава повеќе за своите права во општеството но и за неговите обврски, зошто е потребно да гласа и кои се придобивките од искористувањето на правото на глас, што значи демократски избран претставник, што е корупција и кои се нејзините последици во општеството, а дознава и повеќе за слободата на говорот.
Брошурата е издадена како дел од проектот “Младите практикуваат владеење на правото” , поддржан од Амбасадата на САД во Скопје. Во рамки на овој проект, кој се спроведуваше во Скопје, Тетово, Струга, Радовиш и Штип, околу 150 средношколци во рамки на клубовите „Учиме право“ преку неформално образование имаа можност да ги прошират своите знаења како за правото, демократијата и правниот систем. Средношколците имаа можност да слушаат предавања и од судии и јавни обвинители за новините во кривичната постапка а посетија и општина, суд и канцеларијата на Народниот правобранител. Во рамки на проектот беа организирани неколку јавни настани и тоа: квиз за правата во Амбасадата на САД во Скопје како и симулација на судење од областа на кривичната материја “Нулта толеранција за насилство во училиштата” за кривично дело “Насилство”, одржана во Основниот Суд Скопје 1. 27 средношколци од сите градови во кои се спроведуваше проектот имаа прилика во улога на судии, јавни обвинители, адвокати, сведоци, вештаци, оштетени и обвинети, да симулираат главна расправа според новиот Закон за кривична постапка и со донесување на осудителна пресуда кажаа “НЕ” на училишното насилство.
На Меѓународниот ден на демократијата – 15 септември во сите градови во кои се спроведуваше проектот “Младите практикуваат владеење на правото” , под слоганот “ДЕМОнстрирај ДЕМОкратија” со многу музика, преку интерактивни игри и квиз за правата, учесниците си ги проверуваа своите знаења за правото и демократијата.
Брошурата “Обичен демократски ден на Слободан Љубопитковски во друштво на г-ѓа Јустиција” е достапна за бесплатно симнување во PDF формат, на македонски и на албански јазик.