Целогодишниот проект “Обединети во акција“ кој во текот на 2009 година го спроведуваше Младински Образовен Форум, заедно со локалните клубови од Куманово, Кичево, Струга и Скопје, заврши во декември со организација на настанот “Сложувалка“.
Настанот под мотото “Бараме интеграција наместо сегрегација“ беше организиран од локалните клубови од четирите градови. Овие градови некогаш многу одамна биле пример за меѓуетничка толеранција, разбирање и соживот додека денеска тие се често пример за тоа како не треба да функционира едно мултиетничко општество. Сепак младите како движечка сила на иднината се покажаа спремни да ја променат сегашната ситуација и да бидат успешна приказна од која ќе можат да научат и постарите генерации.
Диана Близнаковска, координатор на проектот, вели дека идејата за името “Сложувалка-настан за етничка неподеленост во образованието“ потекнува од потребата да се согледа големата слика во општеството и ја портретира сложноста на децата од различни етникуми кои ја искажаа подготвеноста да седнат заедно во училишните клупи онака како што се дружат во локалните клубови. Ова беше настан организиран од Валбона, Марија, Харис, Мустафа, Чендреса, Иво, Никола и Милош.
Настанот започна со шарен марш од Плоштадот Македонија до Детскиот театарски центар во Старата чаршија, каде со разиграни пароли учесниците од Куманово, Кичево, Струга и Скопје чекореа кон интеграција во образованието. Тие маршираа за да ја испратат следната порака: “ Повикуваме на заедничко учење. Заедно во училишните клупи, онака како што сме заедно во младинските клубови. Етнички поделените училишни смени и згради не делат во паралелни светови. Ние живееме во иста држава, имаме заеднички вредности и заеднички проблеми. Сличностите не здружуваат, а различностите ни овозможуваат да учиме едни за други. Која е користа од етничка поделеност во училиштата? Бараме интеграција, наместо сегрегација!“
Во Детскиот театарски центар се оддржа штандовско претставување на резултатите од целогодишната работа на локалните клубови и нивните публикации. Следуваше дебата подготвена од претставници на секој од четирите локални клубови на тема “ Македонија може да чекори кон интегрирано образование“. Во дебатата, покрај децата од младинските клубови, учествуваа и видни личности од општествениот живот, како Неговата екселенција г-дин Ерван Фуере, висок претставник на Европската Унија во РМ, колумнистот г-дин Џабир Дерала и г-дин Бојан Маричиќ, претставник на Младински образовен форум. Сложувалката имаше и креативно забавен дел, подготвен од локалните клубови. Така клубот од Куманово проектираше кратки аматерски филмови, а клубот од Струга ја изведе премиерно театарската претстава која ја подготвија заедно со најмалото театарче на светот Зелена Гуска. За крај, следуваше рок-интеграција, прослава на успешната работа со добра музика и забава.
Во текот на едногодишното функционирање на проектот се започнаа и останаа многубројни пријателства на децата кои опстојуваат и надвор од локалните клубови и надвор од нивните градови. Работилниците во текот на целата година беа поуспешни и позабавни заради другарскиот однос помеѓу учесниците. Токму тие пријателства се најголемата придобивка која ќе остане од едногодишната работа.
Идејата позади настанот “Сложувалка“ и проектот “Обединети во акција“ е сложување на големата слика за општество во кое нема предрасуди и стереотипи, општество во кое владеат толеранцијата и меѓусебното разбирање за различните култури. Деловите кои фалат на сегашната слика се оние за кои овие млади се залагаат преку овој настан и целокупниот проект, она кое тие со своето заедничко работење се обидуваат да го постигнат.