Младите артивисти од клубовите на МОФ ги прекрија со графити дел од мостот при влезот во Тетово, на кој претходно бил испишан говор на омраза. Акцијата со интересна визуелизација се одржа на 1 јули, со што се придонесе кон толеранцијата, која претставува значаен фактор за одржување на мирот.
Артивистите од клубот Артивизам при МОФ имаат иницијатива за цртање графити и покривање на испишаните натписи кои содржат говор на омраза. Овие акции на Младински образовен форум и со поддршка од Хелсиншкиот комитет за човекови права се спроведувани во текот на овие месеци, на неколку локации низ градовите низ државата каде што се мапирани натписите и графитите што содржат говор на омраза.
Зборовите и симболите на омраза не смеат да бидат дел од јавниот простор! Толеранцијата е клучна за одржување на мирот. Но, и за економскиот и социјалниот напредок на сите луѓе, а тоа особено се однесува на општествата како нашето кои се мултиетнички и мултикултурни.