Денеска, 7–ми октомври 2010, Младинскиот образовен форум ги презентираше резултатите од истражување за корупцијата во студентските домови.
Според резултатите од истражувањето може да се изведе заклучокот дека корупцијата во студентските домови е добро позната, секојдневна појава за која студентите се свесни. Според 32% од испитаниците 30 до 50 проценти од леглата се стекнати нелегално. 23% од студентите сметаат дека оваа бројка е 50 до 70 проценти, а 19% од испитаниците сметаат дека над 70 проценти од леглата се стекнуваат на нелегален начин.
Резултатите од истражувањето дадоа јасен одговор на серија прашања:
Каква е перцепцијата на студентите од домовите за проблемот со корупцијата во истите?
77% од испитаниците се изјасниле дека најголем проблем во студентските домови претставуваат лошите животни услови, а како втор најголем проблем ја издвојуваат корупцијата (44%).
Причините за коруптивно однесување, две третини од студентите ги наоѓаат во преголемото политичко влијание врз управувањето на домовите. Според 52% побарувачката на леглата е поголема од понудата, а според 45% постои недостаток на контрола над кадрите во студентските домови.
Како најголеми иницијатори на коруптивни дејства во студентските домови студентите ги посочиле партиите и политичките организации. Според 62% од студентите тие често иницираат коруптивни дејства.
Како втор најголем иницијатор на коруптивни дејства студентите го посочиле Студентскиот парламент на УКИМ. Според 54% токму студентите често се јавуваат како иницијатори на коруптивни дејства.
Дека корупцијата е длабоко вкоренета во студентските домови сведочат и личните искуства на студентите. Дури 34% од испитаниците признале дека некогаш користеле лични познанства за добивање легло или стекнување некакви привилегии во домот, а 64% биле запознаени со такви случаи.