ИСКРШЕНИ ТАБЛИТЕ “BEFORE I DIE” ВО СТАРАТА СКОПСКА ЧАРШИЈА

Синоќа, околу 23:30 часот, непознати сторители извршиле вандалски чин врз таблите за слободно изразување “Before I Die” во Старата Чаршија, во Скопје.
Напаѓачите ги искршиле двете табли и го уништиле просторот за слободно изразување на граѓаните. Организаторите на кампањата беа на лице место и го собраа искршениот материјал. Доколку постои можност, на истото место, повторно ќе бидат поставени таблите за слободно изразување.
Инсталацијата е инспирирана од младата американска уметница Кенди Ченг, авторка на проектот Before I Die, реплициран во голем број светски метрополи. Слична табла, со пораката „Слобода е…“, е поставена на ул. Македонија во центарот на Скопје, на која, од средината на септември, стотици граѓани непрекинато ги испишуваат своите видувања за слободата.
Инсталациите се дел од националната кампања „Слободен си – Изрази се!“, во чии рамки беше планирано да се постават табли за слободно изразување на повеќе локации низ Македонија: Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), Битола, Тетово и Струмица, сите со различни пораки. За жал, акцијата не доби дозвола за поставување на табли во Битола на Широк сокак и во комплексот општествени факултети при УКИМ, во Скопје, со едноставно објаснување дека надлежните на тие јавни простори „не можат да и излезат во пресрет на младинската акција“. Во моментов се чекаат дозволите за поставување на таблите во Тетово и Струмица.
Активностите за искористување на јавниот простор за слободно изразување се организираат во рамките на проектот „Млади промотори на слободата на изразување“, поддржан од ЕУ преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР), кој го реализираат Фондацијата НВО Инфоцентар и Младинскиот образовен форум. Младите активисти, вклучени во проектот, преку есеи, мултимедијални содржини (видео, аудио, фотографија и графички дизајн) и кампањи ги промовираат основните демократски вредности во заедниците во кои што живеат.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: