На 22 март 2011 година, со почеток во 12:00 часот, во конференциската сала на хотелот Холидеј Ин се одржа јавна трибина и промоција на студија за социјалниот капитал на македонскиот средношколец и моќта на образованието во Р.Македонија, организирана од Младински образовен форум [МОФ].
Студијата „Капитулација, конфузија или отпор на македонскиот средношколец“ е производ на реализирана анализа на истражување која опфаќа 5 области: доверба во институции, социјална вклученост, граѓанско учество, образование и воншколски активности. Истражувањето беше спроведено во 13 градови низ државата во 50 средни училишта и опфати примерок од 3607 средношколци. Истражувањето претставува сигнификантен и презентативен примерок на ниво на Р.Македонија.
Настанот се состоеше од две трибини, од кои првата на тема “Каков е социјалниот капитал на младите?“ и втората „Моќта на образованието“. Свој придонес кон дискусијата со професионално размислување, во рамките на двете дебати дадоа Марјан Забрчанец – Извршен директор, Младински образовен форум, Харалд Шенкер – Експерт за интегрирано образование, консултант на ОБСЕ, Елена Ивановска – Претставник на Министерство за образование и наука, Зоран Илиески – Извршен директор, Коалиција СЕГА, Дарко Алексов – Извршен директор, МОСТ и Елена Мицајкова – Претставник на ЛМИ клуб – Скопје.
За жал на трибината учество не земаа претставници од Агенција за млади и спорт ниту претставници од кабинет на Претседателот на Влада на Р. Македонија, иако поканети.
„Државата мора да обезбеди буџет за имплементација на Националната страегија за млади, бидејки прашање е колку спортските сали ке успеат да ги задржат младите да не се иселат од Македонија“ – Марјан Забрчанец – Извршен директор, Младински образовен форум.
Дарко Алексов – Извршен директор, МОСТ – говореше за апатичноста која е системски и временски тренд назад 20тина години, а е идентификувана и со студијата на МОФ. „Констатиравме дека во моментов единствената стратегија на владата е да гради сали а не системски да адресира решенија, ваквата апатична младина не е точно е дека не му одговара на никој, им одговара совршено на политичките партии и политичките елити.“ (…) „Се додека политичките партии не ги кренат шепите од младите, сите останати обиди нема да имаат импакт врз активизамот на младите и нивната прецепцијата за тоа колку можат тие да сменат во општеството.“
Ставовите на македонските средношколци: Конфузија
Истражувањето на ставовите на македонските средношколци покажува дека тие се незаинтересирани, недоверливи и цинични кон институциите на државата како и нивна голема исклученост од дневно-политичките настани. Суштинските заклучоци од студијата по однос на ставовите на средношколците во Македонија се следниве:
Средношколците се скептични дека на било каков начин можат да помогнат за да се решат локалните проблеми, повеќе од две третини од средношколците сметаат дека ништо односно малку можат лично да променат за да се решат проблемите во нивниот град.
Средношколците не им веруваат на локалните власти, а уште помалку на локалните функционери. Повеќе од две третини од средношколците не им веруваат на локалните функционери дека се грижат за младите и нивните потреби.
Слабата економија и недостатокот од работни места најголем проблем за младите, така се изјаснил секој петти средношколец (19.8%). По нив следат алкохолизмот и наркоманијата со 17.9% и насилството и криминалот со 16.7%. Нешто понезначајни проблеми за средношколците се чистотата и животната средина (12.9%) и инфраструктурата на градовите во кои живеат (8.6%).
Скоро половина (45.5%) од средношколците не се гледаат во Македонија за 10 години. Дополнителни 15.9% се гледаат некаде во државата, но не во местото во кое што живеат. 38.3% од средношколците за десет години се гледаат себе си во градот во којшто живеат.
Сè на сè, резултатите покажуваат дека македонските средношколци се исклучени и, претежно, незаинтересирани за граѓанското учество и за подобрување на сопствената држава. Тие веруваат дека попрво ќе ја напуштат Македонија, отколку што ќе можат нешто да променат.
Младинската политика во Република Македонија: Капитулација
Иако прецизнa и изработена според компаративна анализа на странските позитивни искуства, сепак, усвоената Националната стратегија за млади (2005-2015) не го доби потребниот третман од државата и од организацијата која беше назначена да го води процесот на нејзина имплементација – Агенцијата за млади и спорт, веројатно поради недостаток на политичка волја за нејзина имплементација. Затоа, не изненадува фактот што политичката активност на младите во Република Македонија не е задоволителна. Младите не се заинтересирани да излезат на гласање, ниту да се обратат до јавните функционери заради решавање некој проблем. Дополнително, тие не веруваат ниту дека можат да влијаат врз тоа како работат властите. Високи 72.2% сметаат дека тие можат малку, односно воопшто не можат да влијаат врз тоа како работат властите! На прашањето: „Ако се потрудиш, колку сметаш дека ТИ можеш да влијаеш врз тоа како работат властите?“ само 10.2% сметаат дека можат да имаат големо влијание, 16.6% сметаат дека делумно можат да влијаат, а 3.2% не дале одговор на ова прашање.
Дали училишните клупи создаваат граѓани или марионети?
Одговорот на ова прашање лежи во иницијативата која моментално ја покажуваат македонските средношколци. Сè додека тие покажуваат знаци на апатија и незаинтересираност за општествените случувања и за нивната улога во унапредување на општеството, училиштата во Република Македонија не можат да ја оправдаат законски утврдената задолжителност. Со други зборови, ако една од целите на образовниот систем е да ги поттикнува социјалниот и индивидуалниот развој на младиот човек, не е доволно средното училиште да биде само законски регулирана обврска, туку самите средни училишта мора да се обврзат задолжително да произведуваат активни, општествено одговорни граѓани.
Образованието за граѓански активизам: Отпор
Резултатите од истражувањето покажаа дека активните членови во невладини организации во просек имаат повисока доверба во невладините и во меѓународните организации од останатите испитаници. Што се однесува до нивната доверба во владините институции, интересно е дека нивната доверба е исто толку ниска колку и на останатите средношколци, во некои случаи дури и пониска. Иако во просек овие среднoшколци се поактивни од своите соученици во своите заедници, тие во иста мера не веруваат дека можат нешто да променат или да влијаат врз тоа како работат властите, но затоа пак сметаат дека подобрувањето на општеството е нивна лична одговорност.
Препораки
Дел од препораките кои произлегуваат од самото истражување се насочени кон локалните власти, на кои им се препорачува на својата листа на приоритети да ги стават младите и да воспостават редовна комуникација со нив, локалната заедница да издвои буџет за конкретни младински активности и да придонесе кон афирмација на младите, а образовните институции и креаторите на образовниот курикулум да понудат соодветни содржини, вештини и знаења. Препораките упатени кон Националните власти се да ги поддржуваат младинските мрежи и да го поттикнуваат младинското здружување, а кон Агенцијата за млади и спорт да обезбеди редовни годишни планови за имплементација на Националната стратегија, кои суштински ќе ја подобрат состојбата на младите и нема да претставуваат документи само на хартија.
СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:
17/03/2025
16/03/2025