Промовиран советодавниот сервис за права на млади

На трибината „Постави прашање – како да ги оствариш своите права“ во организација на Младински образовен форум на 24 април 2014 на пладне во просториите на Американското Катче во Скопје беше промовиран Советодавниот сервис за права на млади и новиот микро сајт.

Сервисот за права на млади постои да обезбеди советувања и поддршка за млади за полесно да ги остварат своите права, да ги разберат демократските механизми кои им стојат на располагање за заштита, но и да ги мотивира младите да прашуваат и да бараат решенија за своите проблеми. На трибината беше промовиран и новиот микро сајт преку кој младите ќе можат директно да се обратат до сервисот и до советниците со цел да ги постават своите прашања на македонски и на албански јазик.

Сервисот за права на млади е составен од тим млади правници кои ќе понудат информации и одговори на прашањата поставени од страна на младите во три категории: средношколски прашања, студентски прашања и младински прашања.

Средношколците секојдневно се соочуваат со различни проблеми, затоа го имаме овој сервис за нив достапен и онлајн и офлајн, за полесно да дојдат до решенијата“ кажа Ресул Незири, советник за права на средношколци.

Кристина Митрова, координатор на сервисот, го претстави Советодавниот сервис за права на млади и начинот на кој фунционира пред присутната публика. Таа наброја и реални случаи на млади кои имале проблеми со доцнење на стипендии, непочитување на правото на бесплатен превоз за средношколци или непочитување на правото на ученикот да биде информиран за оценката која ја добил. Овие прашања веќе имаат достапни одговори на веб страницата на сервисот, а сервисот секојдневно ќе се дополнува со нови прашања и одговори.

Ги охрабруваме сите студенти да ни се обраќаат со сите свои прашања и дилеми, како млади правници ќе се потрудиме да им помогнеме да ги решат проблемите со кои се соочуваат во образованието“ изјави Александра Марковска, советник за права на студенти.

Тања Поповска, советник за права на млади наброја дека за сите млади ќе може да се помогне со одговори на различни дилеми, на пример како да се разбере подобро договорот за вработување, како да се формира здружение на граѓани или како да се пристапи кон општината за изградба на скејт парк. Таа изјави „Ќе се обидеме да објасниме што е граѓанска иницијатива и кои други механизми постојат за да стапиме во комуникација со институциите и да ги решаваме проблемите“.

Проектот „Советодавен сервис за права на млади” е проект на Младински образовен форум од Скопје, поддржан од страна на Амбасадата на САД во Скопје, кој се спроведува во периодот од октомври 2013 година до септември 2014 година. Целта на проектот е обезбедување советувања за млади со цел полесно остварување на нивните права низ лавиринтите на образовните и државните институции.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: