На 23 април 2014 (четврток), во просториите на МКЦ Клуб-ресторан, тринаесет политички партии во пресрет на парламентарните избори, ставија свој потпис на Декларацијата за соработка со младите која ја креираше Националниот младински совет на Македонија.
Со давањето на поддршка на Декларацијата за соработка со младите, политичките партии кои ја потпишаа се заложија во Собранието на Република Македонија да се залагаат за унапредување на позицијата на младите во нашата земја.
Партиите кои дадоа поддршка на овој документ се:
• Aлијанса за позитивна Македонија
• ВМРО – Народна партија (ВМРО-НП)
• Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ)
• Демократска обнова на Македонија (ДОМ)
• Демократска партија на Албанците (ДПА)
• Демократска унија за интеграција (ДУИ)
• Либерално демократска партија (ЛДП)
• Народно движење за Македонија
• Нова социјалдемократска партија (НСДП)
• Обединети за Македонија (ОМ)
• Партија за економски промени 21 (ПЕП 21)
• Социјалдемократски созујз на Македонија (СДСМ)
• Социјалдемократска унија
Декларацијата за соработка со младите во Република Македонија беше подготвена од страна на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), чадор организација на 56 младински организации, организации за млади, сојузи и подмладоци на политички партии во Република Македонија.
Декларацијата за соработка со младите беше изработена со цел да биде мотив за унапредување на статусот на младите во македонското општество. Во неа се утврдуваат заложби за унапредување на позицијата на младите преку: отворено и партиципативно креирање на политиките за млади на сите нивоа водени според принципите на младинското учество и правата на младите, отворено и инклузивно креирање на документи за млади, подобрување на статусот и можностите на младинските организации, поддршка на здружувањето на младите на сите нивоа и соработка со претставничките младински тела.
Во декларацијата се наведени и заложби за подобрување на економскиот стандард преку намалување на невработеноста на младите во Македонија, унапредување на здравствените политики за млади, заштита на правата на младите и борба против дискриминацијата.
На европско ниво, декларацијата предвидува застапување за остварување на евроинтеграциските процеси и европските вредности како предуслов за подобрување на социо-економската и политичката ситуација на младите и поддршка на Националниот младински совет на Македонија да ги претставува интересите на младите пред европските структури и процеси.
Декларацијата цели да ги поттикне идните пратеници преку својата позиција да работат за подобрување на позицијата на младите врз основа на препораки креирани од самите млади. На декларацијата имаа можност да се потпишат и да ја прифатат сите политички партии кои учествуваат на претстојните парламентарни избори, и со тоа да се позиционираат како партија за која младите и нивната позиција се од голема важност, и чии пратеници ќе се застапуваат за добри политики во оваа област.
Целосниот текст на декларацијата може да се најде на веб страницата на Националниот младински совет.
Декларацијата на македонски и албански јазик.