На 6 април, претставниците од мрежата „Млади во криза“, Димитар Низамовски (МОФ), Петар Барлаковски (МОФ), Мери Цветковска (ХЕРА), Блажен Малески (Реактор) и Виктор Стојоски (ЗМАИ) остварија средба со Заменик Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, г-дин Фатмир Битиќи.
На состанокот на Заменик Претседателот на Владата му беа презентирани податоците од анализата „Млади во криза 2.0 – Ефекти од пандемијата врз младите и препораки до институциите“ како и препораките кои ги содржи истата а со цел намалување и превенирање на негативните економски ефекти врз младите предизвикани од пандемијата.
На средбата Заменик Претседателот ја поздрави препораката за поврат на персоналниот данок кај младите лица и не увери дека ќе биде даден напор да биде спроведена. Дополнително, Заменик Претседателот ја поддржа и идеата за формирање на Совет за млади при Агенцијата за млади и спорт како и предложи вклучување на младинските организации и организациите за млади во процесот на креирање на акциски план за економските мерки наменети за младите.
Од почетокот на пандемијата, оваа мрежа на организации постојано ги следи промените и дава препораки за олеснување на последиците предизвикани здравствената и општествена криза.
Членки на иницијативата „Млади во криза“ се: Младински образовен форум, Реактор – Истражување во акција, Здружение за истражување и анализи (ЗМАИ), ХЕРА, Центар за интеркултурен дијалог, Сојузот на извидници Македонија, Младински сојуз – Крушево, Еквалис, Писхотерапика, ХОПС, Национален младински совет на Македонија, Хелсиншкиот комитет за човекови права и АРНО.
Процесот на креирање на документот и анализите беше поддржан од Фондацијата за демократија на Вестминстер преку Иницијативата за демократија на Западен Балкан.