На 18 јуни 2013 година во Младински образовен форум ќе се одржи симулација на судење согласно новиот закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета, кој што претставува завршен настан во рамки на програмата Учиме право со кој учениците ја заокружуваат целината граѓанско право. Средношколците во текот на месец април и мај имаа можност повеќе да научат за граѓанското право и граѓанските постапки и имаа прилика да направат посета на суд и поблиску да се запознаат со неговата работа како и со постапките пред судот во кои се заштитуваат правата на граѓаните кога тие им се повредени, загрозени или оспорени.
На симулацијата која ќе се одржи во просториите на МОФ ќе учествуваат 7 ученици – претставници од Учиме право клубовите во Скопје од училиштата СУГС “Раде Јовчевски Корчагин”, СУГС “Зеф Љуш Марку”, СУГС “Никола Карев”, СУГС “Цветан Димов”, СУГС “Георги Димитров” и СУГС “Орце Николов” и Учиме право клубот во Ромаверзитас.
Во случајот за кој ќе се расправа на симулацијата станува збор за градоначалник кој тужи новинар поради објавен натпис во дневен весник со кој натпис новинарот наштетил на честа и угледот на градоначалникот, поради што поднесува тужба за утврдување на одговорност за клевета и надоместување на штета за клевета. Покрај Учиме право клубовите во Скопје и Учиме право клубовите во Тетово, Кичево, Струга, Битола, Велес, Делчево и Радовиш беа во посета на суд и ја изведоа симулацијата на судење согласно новиот закон за навреда и клевета која претставуваше завршен настан во сите клубови.
Предизвикот од создавање на оваа симулација се должи на потребата да се потенцира значењето на слободата на изразување и информирање како клучна за демократското општество од една страна како и желбата да се доближи постапката до учениците. Покрај постапката тие ќе се запознаат поблиску и со меѓународно правните документи за правото на слобода на изразување и слобода на медиуми како и национално правната регулатива.
Минатата учебна година средношколците од сите Учиме право клубови како завршен настан во Основниот Суд Скопје 1 Скопје ја изведоа симулацијата “Нулта толеранција за училишно насилство” според новиот Закон за кривична постапка.