„Ситуацијата е страшна во училиштата, сите сме свесни за тоа. Учениците немаат право на глас и не можат да бидат слушнати. Сепак, се чини дека училишната заедница делува, затоа што дел од неа се лица кои имаат глас, но немаат ум, бидејќи се полтрони. Сè додека така функционира образовниот систем, нашите млади деца ќе си одат од земјава“.
Вака професорката по филозофија во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје, Елвира Мустафа, ја отвори дискусијата за тоа дали се потребни реформи во средношколското организирање во Македонија.
Колку Македонија ќе има квалитетна младина, која ќе биде вклучена во општествените процеси, зависи токму од тоа колку тие ќе научат да се вклучуваат во нив уште од најраната возраст, односно уште додека се во средно училиште. А, во средно, освен вообичаената училишна програма, младите ја учат и нивната вклученост во општеството и општествените процеси.
Илина Димовска, средношколка од Велес, вели дека сета демотивација којашто ја имаат учениците и младите генерално, е поради тоа што досега не им се дало шанса да донесат некои поголеми одлуки.
На истражувањето кое го спровела во нејзината гимназија во Велес, Димовска дознала дека на прашањето колку средношколската заедница има придонесено за нив, на скала од 1 до 5, нејзините соученици дале оценка 2,4. Повеќето од нив рекле дека заедницата нема воопшто придонесено за нивниот развој, како и дека не сметаат дека се вклучени во донесувањето на одлуки и во активностите на средношколската заедница.
„Јас, но и други мои соученици коишто беа анкетирани, сметаме дека оваа заедница има многу поголем потенцијал, може на многу подруги начини да се искористи, а не само да функционира кога има некој конкретен проблем“, заклучува таа.
Дека средношколското организирање е на лошо ниво кај нас, со учениците и наставниците се согласуваат и младинските организации, кои учествуваа на вчерашната панел дискусија „Вклучување на средношколците во процесите на донесување одлуки“, организирана од Младинскиот образовен форум.
Средното образование во Македонија е регулирано според закони донесени во 1995 година, кои биле изменети или дополнувани 39 пати. Сепак, во ниту еден од овие амандмани, не е воведено задолжително средношколско организирање во секое училиште.
„Иако во Македонија перцепцијата за средношколците е дека се пасивни и не се прашуваат за никакви за нив важни прашања, во изминативе години имаше важни реформи. Овде мора да го спомнеме Средношколскиот пленум, како и државната матура и екстерното тестирање, кои предизвикаа будење на средношколското организирање“, вели Мартина Илиевска, од програмата за Истражување и младински политики во Младинскиот образовен форум.
Илиевска вели дека токму најдискутабилните образовни реформи кои се случија изминатата деценија, придонесоа да се подобри средношколското организирање.
„Се направија некои промени кои не беа дотогаш видени во нашата држава, како бојкот на наставата, маршовите и средношколскиот камп, кои дотогаш не беа видени во толку масовно средношколско организирање“, потсетува Илиевска.
Кај нас има неколку нивоа на средношколско организирање кои се применети во различни средини. Во едното од нив, учениците имаат формална структура, имаат свои програми за работа, статути и се дел од училиштето, кое ги консултира за важните прашања.
Второ ниво е неформален статус, односно организацијата нема некаков акт или не можат формално да бидат ставени во некаква рамка, но се препознаени од управата и раководството и се консултирани и се дел од одлуките.
Третото ниво е организирање од страна на професорите. Ова е најчестата форма која се јавува во Македонија, а е позната како секција.
Четвртата, која е исто така честа, е здружување за одлучување по некое прашање, или ад-хок здружување.
„Може да забележиме дека во Македонија нема еден унифициран модел на здружување на средношколците. Затоа и ние решивме да направиме промена, заедно со Коалиција СЕГА и Меѓаши. Сега, се обидуваме тоа да влезе во закон и да биде задолжително сите средни училишта да имаат средношколски заедници“, изјави Илиевска.
До МОН и Собранието на РМ е доставена иницијатива, во која изрично организациите побарале да се отпочне процес на промена на Законот за средно образование, за сите барања и размислувања на младите луѓе да бидат слушнати и земени предвид, со закон кој би овозможил во секое средно училиште да има средношколска организација.
„Има перцепција дека учениците и во основно и во средно училиште се апатични, немаат доволно мотивација и самодоверба. Но, нашите наоди од сите истражувања кои ги правиме покажуваат дека иако ова постои, но причината е што доколку има средношколска организација, трае кратко и не се сите доволно активни за да можат да ги застапуваат средношколците“, вели Томислав Гајтановски од Коалицијата СЕГА, која заедно со МОФ и Детската амбасада Меѓаши работи на иницијативата.
Сепак, најголемиот проблем, учениците и просветителите го лоцираат токму во неинформираноста на учениците за нивните ингеренции и права.
Учениците не ни знаат дека имаат закони и средношколски права, кои ги поддржуваат во битката, дека имаат право на глас и смеат да се побунат. Професорите велат дека средошколците добиваат и премногу. Но, треба да сфатат дека добиваат премалку“, заклучува Мустафа.
С.Т.