Средношколци од Струмица го одбележаа Меѓународниот ден на мирот, 22-ри септември со младинска акција во дворот на училиштето „Никола Карев“. Како дел од акцијата, учениците ги бојадисаа металните и бетонските конструкции во дворот, корпите за отпадоци и слично. Покрај тоа беше разубавен и дел од ѕидот на спортската сала со графит кој тие самите го нацртаа.
Оваа младинска акција е всушност продолжение на процесот за разубавување на градот поддржан од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција. Кон крајот на минатата учебна година слична ваква волонтерска акција беше организирана во средното училиште „Јане Сандански“, а овојпат двете училишта повторно ги здружија силите за да го сторат истото и во „Никола Карев“.
„Ги обожаваме ваквите акции и со нетрпение ја чекаме секоја од нив бидејќи се вистинско место за дружење, но и за изразување на сите наши идеи“, велат младите.
Покрај разубавувањето на дворот, младите од смеровите за дизајн и моделирање во средното училиште „Никола Карев“ организираа и хуманитарна акција во која подарија нова постелнина на детското одделение во ЈЗУ „Општа Болница“ која тие самите ја изработија.
„Учениците, поттикнати од недоволно добрите услови во локалната болница, дојдоа со идеја да донираат нова постелнина за тамошното одделението за педијатрија“, објаснува нивната професорката.
Тие велат дека целиот процес на кроење, шиење и пеглање го прават тие самите, тука во училиштето.
Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието е петгодишна иницијатива за зајакнување на меѓуетничката кохезија кај младите и развој на демократските и граѓанските однесувања. Училиштата коишто покажуваат особена посветеност и активно учество во зајакнување на меѓуетничката интеграција и граѓанските вредности ќе бидат наградени со дополнителна поддршка за нивно реновирање.