Средношколците од Кратово дебатираа за меѓуетничка интеграција

Во четвртокот (30 октомври 2014) дебатниот клуб од Кратово, дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, организираше јавна дебата на теза„Формалното образование позитивно влијае на меѓуетничката интеграција помеѓу средношколците“.

Јавната дебата се одржа во холот на СОУ „Митко Пенџуклиски“ со почеток во 13.30 часот, каде учествуваa четворица дебатери поделени во афирмативен и негациски тим, кои дискутираа за влијанието на формалното образование во интеграцијата на средношколците со различен етникум.

„Во Кратово учат повеќе од 500 ученици, но за жал не можеме да запознаеме многу ученици со различна култура, националност или религија па така директната соработка со ученици од други училишта може да придонесе за создавање на платформа за комуникација. Таква соработка има меѓу нашето средно училиште и училиштето во Липково, каде заедничките активности ни овожозможија допир со нова култура и разменување на различни информации, откривме дека се делат исти интереси со деца на наша возраст, имаме сличности но и прифаќаме разлики“,изјави ученичката Кристина Ивановска.

Формалното образование влијае негативно затоа што има физичка одвоеност на различни етнички групи, поради тоа младите немаат комуникација меѓу нив и така се создаваат предрасуди, вели ученикот Никола Мишевски. Стефан Трајков пак додава дека професорите треба да се задржуваат повеќе на оние лекции кои може да не научат повеќе за историјата и културата на другите етникуми.

Калинка Стефановска, професорка по социологија во СОУ „Митко Пенџуклиски“ ја имаше улогата на модератор на јавната дебата и отвори можност за дискусија со публиката, која броеше повеќе од 50 ученици и професори. После целата дискусија, публиката си замина дома со повеќе информации, но и препораки за тоа како може да се подобри меѓуетничката интеграција.

Оваа активност беше реализирана во соработка со Дебатната програма на Младински образовен форум која цели кон подобрување на културата на дијалог, зајакнување на нивото на аргументираното говорење, поттикнување на општествена дискусија на релевантни теми и интеграција во општеството.

Сподели