Вчера, 05ти март 2015 година, шестнаесет средношколци од шест средни училишта од Скопје ја посетија канцеларијата на Народниот правобранител во Скопје. Тие беа лично примени од г-дин Иџет Мемети, Народниот правобранител на РМ.
На посетата која траеше околу 2 часа, младите средношколци се запознаа со работата на Народниот правобранител, кои се неговите надлежности, како да поднесат преставка до него, како понатака се одвива постапката и какви резултати можат да очекуваат по поднесувањето на преставка. Народниот правобранител преку конкретни практични примери ги запозна со младите средношколци со неговата работа. Тие беа поучени дека преставката е бесплатна и дека нема пропишана конкретна форма и може да се поднесе по мејл, телефон, факс или лично се додека не е анонимна.
Младите беа заинтересирани на неколку прашања околку самата функција на Народниот правобранител. Еден од средношколците праша “ Што прави Народниот правобранител ако не може да го заштити правото на некој на кое му е повредено”, при што на тоа Народниот правобранител одговори “Кога јас ќе воочам дека на некој му повредено правото, јас прво праќам препорака и укажување како тоа може да се поправи, ако тоа право сеуште му остане повредено, јас имам право јавно да критикувам и нив тоа не им одговара”, тој кажа дека во еден случај каде луѓе не постапувале по негова препорака и тие биле казнети со 500 евра парична казна. Дел од средношколците поставија прашања на албански јазик, на кои господинот Иџет исто така им одговори на албански,а потоа и прашањата и одговорите ги преведе за да можат да ги разберат сите, притоа тој кажа дека “Јазикот не може да биде пречка за некое лице да побара помош”. Во овој контекст тој истакна дека “Општеството треба да служи на граѓаните”. Народниот правобранител исто така додаде дека се води според три многу важни принципи “Промоција, превенција и заштита” на човековите слободи и права.
Апропо тоа како заклучок Народниот правобранител рече “Сите ние сме различни, а треба да се чуствуваме еднакво”.
Средношколците исто така ја посетија и канцеларијата каде што се поднесуваат претставки, архивата на Народното правобранителство, и канцеларијата на заменик Народниот правобранител која работи од областа на детските права г-ѓа Васка Бајрамовска-Мустафа, која ги охрабри средношколците да поднесат претставки ако мислат дека некое нивно право е повредено.
Оваа активност е дел од проектот “Младинска ангажираност за социјални промени” кој е подржан од Фондација за отворено општество – Македонија (ФООМ).