Четириесетина средношколци од Скопје, Велес, Тетово, Битола, Кичево и Штип на 19 декември остварија двочасовна посета во просториите на Секретаријатот за европски прашања при Владата на Република Македонија. Средношколците имаа можност да се запознаат одблиску со работата и активностите на Секретаријатот преку презентација од раководителите на различните сектори и имаа можност да постават и прашања за нивното работење.
Најмногу прашања беа поставени до раководителот на секторот за координација на ЕУ фондовите и друга странска помош г-ѓа. Орхидеја Каљошевска, како и до раководителот на одделението за институционално јакнење г-ѓа. Елизабета Буова. Тие беа запрашани за можностите за искористување на европските фондови кои се отворени за нашата земја, како и за можноста за волонтирање во Секретаријатот и искористување на стипендиите за постдипломски студии во странство.
На крајот од посетата средношколците ги разгледаа и работните простории на Секретаријатот за европски прашања и го посетија кабинетот на Вице премиерот за европски прашања Д-р Теута Арифи.