Среќен 12-ти август, Меѓународниот ден на младите!

Среќен 12-ти август, Меѓународниот ден на младите! ☀️

Денес е ден за да се потсетиме сите, дека светот не останува на младите утре, туку денес!

Младите се соочуваат со сериозни предизвици кои ги ограничуваат нивните можности во општеството. Истражувањето на Државен завод за ревизија покажува дека 40% од високообразовниот кадар ја има напуштено државата, а државата не успева доследно да ги спроведува стратегиите за спречување на овој одлив. Дополнително, дури 60% од младите изразуваат желба да заминат од државата, што е алармантен показател за состојбата. Според предвидувањата на Обединетите нации, до 2050 година младите ќе сочинуваат само 12% од населението.

Главните причини за оваа ситуација вклучуваат недостаток на соодветни работни места, лоши услови за работа и високото ниво на корупција кое го поткопува образовниот, здравствениот и судскиот систем. Истражувањето на Фондацијата за демократија на Вестминстер откриваат дека само 17% од младите веруваат дека Северна Македонија се движи во правилната насока, што претставува драстичен пад од 2019 година. Песимизмот расте, со 42% од младите кои сметаат дека државата ќе биде полошо место за живеење во наредните пет години. Покрај овие предизвици, 80% од младите се социјално неактивни, а 54% сметаат дека немаат никаков влијание врз властите.

Овие податоци уште повеќе ја потенцираат потребата од итна акција за подобрување на состојбата на младите.

Младите не се хомогена група, секој млад човек има различни потреби, и токму затоа МОФ е посветен на работа со сите групи на млади – од урбани и рурални средини, од различни етнички позадини, членови на политички подладоци, млади кои се во контакт со законот и млади со попречености.

МОФ не е само младинска организација, туку е цела заедница! Заедница која едуцира, мотивира и поддржува млади, и која веќе 25 години активно инвестира во нивниот развој и унапредување. Со ова, МОФ не само што помага во професионалниот и општествениот развој на на младите, туку и придонесува за подобрување на целото општество.

Како МОФ инвестира во младите?

🔸Овозможува простор за учење и развој преку 830 младински клубови, 532 тренинзи, обуки и работилници, 259 јавни дебати, 8 настани Станица Студентска, 11 конференции за социјален активизам ENGAGE и 23 МОФ Академии.
🔸Негува култура на дебата, овозможувајќи им на младите да ги развиваат своите вештини и да се натпреваруваат на 154 национални и меѓународни турнири.
🔸Промовира правна писменост, оспособувајќи ги младите да ги застапуваат своите права и директно да се запознаат со работата на институциите со организирани 206 посети.
🔸Организацијата има спроведено 207 локални и национални акции, охрабрувајќи ги младите да создаваат позитивни промени во нивните локални заедници и општеството.
🔸Активно ја следи состојбата на младите лица во државата преку креирање на 68 истражувања и 83 публикации, кои послужиле како основа за учество во креирање на 13 јавни политики, и учество во процеси на национално ниво, стратегии и работни планови за младински прашања, придонесувајќи за подобра законска рамка за младите.
🔸Во борбата против корупцијата, МОФ стана првата организација која го покрена прашањето за корупцијата во високото образование.
🔸Преку објавување на 46.561 содржина, Радио МОФ едуцира и информира за младински прашања, дава простор на младите да ги изразуваат своите идеи, проблеми и предлози за решенија.

Сакаме младите да бидат активни граѓани во слободно, демократско и интегрирано општество, каде што имаат пристап до квалитетно образование и можности за развој. Нашиот порив е младите да имаат можност целосно да го остварат својот потенцијал и да придонесуваат за позитивни промени. Заради тоа, за нас, секој ден е ден на млади!

#МеѓународенДенНаМладите #МладинскиАктивизам #МладиДенес #25годиниМОФ

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: