СТАНИЦА:СТУДЕНТСКА 2.0 [Целодневен настан за студентите]

Изберете си превоз и симнете се на СТАНИЦА:СТУДЕНТСКА !

На 5ти декември, во новиот дел на Универзитетска библиотека во 12 часот, Младински образовен форум ја организира втората Станица:Студентска, настан посветен на студентите. На Станица:Студентска ќе бидат промовирани студентски и младински организации од Скопје кои ќе ве пречекаат со свои штандови на НВО саемот, а целодневната програма предвидувa и трибина за студентски протести со домашни и активисти од Словенија и Бугарија, отворени работилници организирани од различни студентски организации, студентско кино, интерактивен простор, медиумски хаб и забава.

Подетално, целодневната агенда на овогодинешната Станица: Студентска вклучува:

ПЕРОН 1 

12-18ч Саем на студентски организации

ПЕРОН 2 (предавања)

12-13ч Вонземска интелегенција [Скопско астрономско друштво]
Предавањето е научен поглед кон можноста за постоење на вонземјани, и што досега имаат докажано научниците во врска со постоење на живот надвор од планетата Земја. Во текот на предавањето ќе се зборува и за претпоставките на која друга планета би можело да има форми на живот, и какви би биле шансите да контактираме со нив.

13-14ч. Роботика-Македонија во тек со светските трендови [студенти од ФЕИТ]
При помислата на роботиката се чувствуваме исто како при помислата на цунами. Тоа е „таму
некаде“, далеку. Јапонија, Америка, Германија.
Но, пионерите на оваа наука во Македонија си ја имаат сериозно сфатено работата. Во моментов едни од најактивните кај нас во оваа област се и самите студенти.
На ова предавање, Иван Василевски, студент од ФЕИТ, ќе зборува за прогресот на науката за роботика во Македонија,а воедно ќе ги презентира роботските раце кои ги има изработено заедно со своите колеги. На ова предавање ќе се зборува и за изработка на роботи од ефтини материјали, како и за настанот Робомак, каде секоја година студентите од техничките факултети ги изложуваат своите роботи. Во текот на предавањето, студентите ќе имаат можност да видат одблиску робот, и да дознаат повеќе за овие фасцинантни машини.

14-15ч Трибина „Студентски протести“
Од Триглав до Егеј, во 2013 година илјадници студенти на Балканот излегоа на протести за одбрана на своите права. Додека во светот студентите масовно се мобилизираат за правична кауза, во Македонија идеата за борба на улиците останува заробена низ ходниците на Универзитетот. Која е причината за пасивноста на македонските студенти? Како да се организира успешен студентски протест? Ова се дел од прашањата на кои ќе говорат:
Стефан Алексиќ (МОФ),
Дејан Лутковски (Слободен Индекс)
Ивана Дракшиќ (Плоштад Слобода)
Марко Милошевиќ (Окупирај факс, Филозофски факултет-Загреб) и
Бојан Анџелковиќ (Радио Студент-Словенија)
Модератор на дискусијата-Маријана Јанческа (Студентско списание Излез)

15-17ч Следната индустриска револуција-3Д принтинг [KИКА Хаклаб]
3Д принтинг е процес на изработка на предмети од најразлични материјали, преку репродукција на зададениот модел со помош на машина. Од накит до куќа, една 3Д принтинг машина може да изработи се. Во Македонија постојат два 3Д принтери. На ова предавање, момците од КИКА Хаклабот ќе извршат презентација на 3Д принтер кој го имаат направено самите тие. На предавањето, студентите ќе имаат можност да видат како работи една ваква машина и да се вклучат во дискусија за како оваа машина ќе допринесе за понаков развој на производството во светот.
На крајот од предавањето, студентите ќе имаат можност да ги видат и останатите предмети изработени од членовите на клубот, како и да предложат тема за отворена дискусија.

17-18ч Интернет-последната слободна зона? [Слободен софтвер]
2с.мк е организација која повеќе од 10 години се занимава со општествените импликации на технологиите и слободниот софтвер, и се обидува светските искуства да ги преточи во локален контекст. На овој настан ќе се зборува за интернет и законите и кодот што го одредуваат неговото функционирање

ПЕРОН 3 (работилница)

16-18ч. Студентска куќа-екперимент [МЕЛЕЕМ]
4 Коцки, 4 кули на студентскиот дом „Гоце Делчев“.
Во една коцка може да влезе еден човек. Во коцката ќе го очекува I-pod, или друг уред за музика со слушалки, пластелин и една реченица. За времетраење на една песна секој посетител на работилницата треба да измоделира нешто што ќе биде потикнато од реченицата, музиката, присуството во коцката или негово/нејзино претходно искуство.
Сите скулптури создадени од учесниците ќе се редат на една маса каде под секоја скулптура ќе стои пораката која ги инспирирала.
Оваа работилница ќе претставува ново искуство за учесниците, но и за самите посетители во просторот.

ЧЕКАЛНА

12-13ч Проекција на кратки анимирани филмови

13-16ч Работилница: Соба за инспирација и себеизразување [Отворен куфер]
Отворен куфер е студентска културна иницијатива која поттикнува критичко размислување меѓу студентите преку креативни настани.
На „Станица:Студентска“, Отворен куфер ќе создадат простор за изразување на студентите во различни форми – цртеж, поезија или проза.
На тој начин, ќе се создаде заеднички колаж од мисли, чувства и идеи.

16-18ч Дискусија: Студентски културни центри на Балканот [Отворен куфер]
Споделување на искуствата од студентски културни центри низ Балканот и дискусија за можноста за таков кај нас. Настанот содржи кратка презентација на слики од културни центри и информативен дел за улогата на студентите во нивното формирање.

АВТОБУС

13-14ч Студентско Скопје-Панорамско разгледување на студентски локации

14-15ч Темната страна на обновливите извори на енергија [Истражувачко друштво на биолози]
Со популаризацијата на обновливите извори на енергија во светот, се добива слика на нов начин и принцип на фукционирање на општеството. Задржување на старите начини на живеење, но со нов метод –еколошки. Обновливите извори на енергија се промовираат како ефикасни,модерни, но пред се-природни.
Но, нови методи значат и нови проблеми.
Колку новото е подобро? Колку старото е штетно? Дали со обновливите извори е возможно „спасување на планетата Земја“?

15-16ч Волонтирај за промена [Младите можат]

МедиаХаб 

12-18ч Студентска медиумска работилница
Новинари од студентските медиуми Излез, Студент ФМ, Да научиме и Радио МОФ заедно со уредникот Кристина Озимец ќе работат на креирање на содржини со студентска тематика, а воедно ажурно ќе известуваат за настанот во текот на целиот ден.

Линк до Facebook настан

Станица:Студентска има за цел да ги промовира студентските организации од Скопје, да поттикне активно учество и членување во младински и студентски организации кај студентите и да поттикне јавна дискусија за прашањата кои ги засегаат.

СПОДЕЛИ ЈА ОБЈАВАТА:
Facebook
Threads
LinkedIn
X (Twitter)
WhatsApp
Skype
Email
Print
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: